X
 20.01.2016 Образование

1.000 евра, прасе и јагне за положен испит

Во судот во Осиек неделава се продолжува судење за корупција на Економскиот факултет во градот. Сведокот Барбара Лукавечки, која претходно ја признала корупцијата, па била осудена, пред судот јавно зборувала за купувањето на испит кај осудениот професор.


Меѓу осудените се професорите Миленко Црњац и Лука Црнковиќ, посредникот Божи Омазиќ и студентите Драгана Карлушиќ, Брако Маравиќ и Дражен Шестиќ. Тие се осудени во големата афера „Индекс“.

Сведокот Барбара Лукавечки потврдила како положила математика кај професорот Миленко Црњац за 1.000 евра, јагне и прасе, а финансиско сметководство кај професорот Лука Црнковиќ за 800 евра. Во двата случаи, митото не го давала директно на професорите, туку на посредникот Иван Вукадиновиќ.

„Сопругот и јас го добивме бројот на посредникот Иван Вукадиновиќ и договоривме средба. Цената за математика беше 1.000 евра. Договорот беше да го пријавам редовно испитот и да се појавам на писмениот дел. Така и направив, но паднав на писмениот. Потоа би беше кажано да дојдам на усно пред сите студенти во канцеларијата на професорот. Дојдов, се претставив... тој веќе беше упатен во сè. Знаел зошто сум пристигнала. Ме праша како ми е на работа и ми напиша оцена без испрашување“, изјавила Лукавечки.


Таа додала дека парите биле исплатени пред испитот, а јагнето и прасето биле од неа побарани по него. Сличен бил случајот со предметот финансиско сметководство кај професорот Лука Црнковиќ, но тој барал 800 евра. Откако паднала на писмениот испит, таа се упатила во кабинетот на професорот, кадешто тој ѝ напишал оцена без да ја испрашува.

На прашањето зошто се одлучила за мито, таа изјавила дека предметот по финансиско сметководство го полагала 6 пати, а за математика се одлучила веднаш бидејќи е вработена и немала време да посетува предавања.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование