X
 02.12.2020 Живот

Одличен трик на еден професор за студентите што сакале да препишуваат на завршниот испит

Секогаш има ученици што ќе се обидат да препишуваат на тестовите и испитите и постојат безброј начини да го направат тоа. Од ѕиркање во тестот на оној што седи до нив до темелно подготвување методи за препишување, на пр., пишување формули на етикетата од шишето со вода. Студентите и учениците се многу креативни во препишувањето. А сигурно и дека малкумина не би ја искористиле можноста ако професорот им ги понуди одговорите на тацна.

Уверен дека ќе ги искористат одговорите, еден универзитетски професор по статистика испратил огромна папка со презентации со цел да им помогне на студентите да го повторат материјалот, а истовремено сакал и да се пошегува со нив. На крајот од презентацијата тој оставил линк кој со ситни букви го именувал како „одговорите од испитот“ и додал „не е за студентите“, така што се чинело дека датотеката со одговорите од испитните прашања била погрешно ставена во папката.

Ова му помогнало да ги открие измамниците: дури 14 студенти се обиделе да влезат во линкот со одговорите и покрај тоа што на папката пишувало дека не треба да ја отворат.

- Ги прегледав сите материјали за испитот и забележав на дното линк до одговорите на кој пишуваше дека не е за студентите. Помислив дека професорот се зезнал и кликнав на него - вели една студентка во видео објавено на „Редит“. Но, наместо линкот да отвори датотека што води до одговорите, студентката била пренасочена на „Јутјуб“ и на песната „Never Gonna Give You Up“ од Рик Астли.

испит
Фото: Reddit

На многумина им се допадна смислата за хумор на професорот, а се појавија и уште неколку професори што велат дека направиле нешто слично за да ги фатат препишувачите.

- И јас им го направив тоа на моите студенти, само што откако кликнаа, им излезе порака: „Дали навистина мислите дека сум глупав?“ - напишал во коментари еден наставник, додека една студентка сподели како неговиот професор еднаш навистина згрешил.

- Еден од моите испити на факултет се одржуваше на интернет, преку прашања во слики. Професорот погреши така што на секоја слика го ставил точниот одговор. Така, ако го ставевте глувчето на сликата, можевте да го видите точниот одговор. Мислам дека само јас забележав и супер поминав на испитот - вели студентката.

Извор: Mirror.co.uk
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот