X
 13.12.2022 Живот

Животот на Лука Модриќ: Хрватскиот магионичар роден среде силно бомбардирање

Пред пристигнувањето во Катар, хрватскиот репрезентативец Лука Модриќ изјави дека ова Светско првенство најверојатно ќе му биде последно.

Ветеранот и понатаму е најважниот дел од репрезентацијата на Хрватска и еден од најважните играчи за тренерот Златко Далиќ. Далиќ се надева дека Модриќ ќе може да игра во Лигата на нациите наредната година. Сепак, играчот од Реал Мадрид не се гледа себеси на наредното Светско првенство, 20 години по неговото прво.

- Свесен сум дека сум на одредена возраст и дека ова е мое последно натпреварување во хрватската репрезентација - изјави тој за ФИФА пред Светското првенство.

Модриќ и понатаму несебично се труди и дава сè од себе на теренот, а тренерот и играчите сметаат на него и на претстојното полуфинале со Аргентина.

- Кога гледаме луѓе како Лука Модриќ како трчаат и гинат на теренот, тоа ни дава дополнителна енергија на помладите играчи - вели бекот Јосип Јурановиќ.

Модриќ е херој во својата родна земја по 16-годишната меѓународна кариера во која забележа 159 настапи и пет титули во Лигата на шампионите со Реал Мадрид, а во 2018 година ја освои и Златната топка или Најдобар европски фудбалер на годината.

Модриќ пораснал за време на војната за независност на Хрватска, помеѓу 1991 и 1995 година, кога неговиот роден град Задар и околниот регион биле силно гранатирани од српските сили. Токму овие искуства го оформиле карактерот на Модриќ и го направиле ментално силен.

1
Фото: Wikipedia

- Многу пати се случуваше да одиме на тренинг додека паѓаа гранати, а ние да трчаме и да бараме засолниште - раскажува неговиот пријател од детството, Марјан Буљат, кој тренирал со Модриќ додека растел.

- Сигурен сум дека тоа е еден од факторите што придонесоа и го натераа да стане еден од најдобрите во светот - додава Марјан.

За време на војната за независност, бил убиен дедото на Модриќ, по кого го добил името, куќата им била запалена, па неговото семејство побегнало во Задар.

- Многу ми е жал што дедо ми не успеа да види барем нешто од она што го имам постигнато денес - во една пригода изјави Модриќ за ФИФА.

Токму во Задар, Модриќ ја започнал неговата фудбалска одисеја, привлекувајќи внимание.

- Слушнав за мало хиперактивно момче кое постојано игра со фудбалска топка во ходникот на хотелот за бегалци, па дури и спие со неа - вели Јосип Баљо, кој тогаш бил тренер во фудбалскиот клуб „Задар“.

Модриќ го напуштил Задар како тинејџер и отишол во Динамо Загреб, а во 2008 година почнал да игра во премиерлигашот Тотенхем каде што останал четири години пред да се пресели во Шпанија.

Денес, природата ги присвои урнатините на куќата на неговите баба и дедо, во внатрешноста на крајбрежниот град Задар, а нејзиниот некогашен сопственик ќе се обиде да ја однесе Хрватска до златото.

Извор: English.mathrubhumi.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот