Работа има, но нема и ќе нема работници. Вака накратко може да се опише состојбата со одредени професии во Македонија за кои има слободни работни места, но за жал училиштата кои го продуцираат овој кадар зјаат полупразни.
Меѓу најбараните професии се келнери, пекари, заварувачи, столари, текстични техничари, но истовремено, интерсот за упис на младите е с` помал, што ни потврдија и директори на училишта.
Од Агенцијата за вработување на Македонија велат дека врз основа на огласените слободни работни места од страна на работодавачите, како и добиените резултати од спроведеното анкетно истражување за потребата од вештини на пазарот на трудот, работа има за следните занимања со средно образование: техничар-технолог, администратор, систем оператор, оператор на телекомуникациска опрема, графички техничар, електротехничар, машински техничар елктромашински техничар, машиски техничар за одржување на опрема, градежен техничар, текстилен техничар, комерцијалист, медицинска сестра, техничар за обувки, фармацевтски техничар, хемиски техничар-лаборант, референт за продажба, оператор на телекомуникациска опрема, продавач, шивач, шивач на текстил, ткајач, крзнар, кројач, заварувач обезбедувач (заштита на имот и лица), бравар, столар, магационер, возач (на такси, на товарно возило, на камион, на автобус), месар, пекар, келнер, готвач, помошник готвач,шанкер, ракувач со уреди за стерилизирање на конзерви за овошје и зеленчук, опслужувач на линија за преработка на овошје и зеленчук, зидар, чевлар, шивач на горни делови на обувки, кројач на горни делови на обувки, електричар за одржување, ракувач со уреди за гумирање, градежен работник за одржување на згради, ракувач со градежни машини, леар на метали, армирач и други.
За многу од овие занимања за кои има работа потребна е диплома од стручно средно училиште, но, освен медицинските и економско-правните речиси сите имаат проблем со упис на нови ученици.
- Уште првиот час кога учениците ќе излезат со диплома во раце од нашата струка ќе најдат работа - вели Зоран Николовски, директорот на скопското угостителско-туристичко училиште „Лазар Танев“. И тој потврдува дека се намалува бројот на ученици и дека работодавците остануваат без потребната работна сила кога е во прашање оваа фела.
- Сметам дека намалениот наталитет си го прави своето. Има помалку ученици во основно образование, а тоа се одразува и на средното. Но, секако дека треба и поголема афирмација на овие струки, да се работи на подобрување на платите, условите за работа. Ние конкретно две години по ред имаме за еден цел клас помалку келнери. Има потреба од три класа, а имаме деца за два. Намален е интересот и за готвачи за 15 до 20 проценти. Во принцип се работи за дефицитарни кадри, но ете се намалува интерсот за упис. Од разговор со моите колеги од другите градови, состојбата е слична - вели Николовски.
Инаку, намален интерес за упис во средните улчилишта има и за машинската, земјоделско-ветеринарната, текстилната, прехрамбената струка, што воопшто не одговара на моменталната побарувачка на работни места на пазарот на труд.