X
 19.02.2016 Култура

"Spotlight" - филм во кој ќе се заљуби секој новинар

Во 2001 година, група на истражувачки новинари од дневниот весник „Boston Globe“, по иницијатива на главниот и одговорен уредник, започна да истражува неколку неповрзани случаи на сексуална злоупотреба во бостонска црква. Истражувајќи го случајот, новинарите постепено откриле афера од застрашувачки размери.

 

филм


Не станувало збор само за десетина свештеници во Масачусетс кои сексуално експлоатирале деца, туку и дека црквата знаела и систематски прикривала скандали, на жртвите анонимно им плаќала надоместок, а виновните свештеници ги преместувала на други локации. Истражувачката работа на тимот довело до оставка на кардиналот Бернард Ло, и започнала чистка против политиката на прикривање во самата црква, а новинарите за својата работа во 2003 година добиле Пулицерова награда.

Приказната за овој случај е тема во филмот „Spotligh“, на режисерот Том МекКарти, кој прерасна во еден од фаворитите за Оскар оваа година. Притоа, во трката за најдобар филм е и „The Revenant“ на Гонзалес Инариту, грандиозен филм, есенција на кинематографскиот спектакл, додека „Spotlight“ претставува паметен, гламурозен филм за луѓе во костуми кои седат во безлични неонски соби.

Филмски воздржан и паметен, „Spotlight“ е продолжение на онаа линија на американски филмови како класиката „All the President's Men“.

Без таблоидност, овој филм ја прикажува слоевитоста на аферата со која се занимава. „Boston Globe“ со приказната која ја започнал, ризикувал. Тоа бил дневен весник во католичка средина со 53% католички претплатници. Истрагата ја започнале уредникот Марти Барон (Шрибер), а членовите на тимот (Марк Рафало, Рејчел МекАдамс, Мајкл Китон) себеси се сметале за „паднати католици“. Тие оделе во истото училиште со сторителите, ги знаеле од парохијата.

Сето тоа се случувало во екот на 11 септември, кога на Америка и` се закануваат педофили, и тоа во една конзервативна, солидарна средина која и покрај својата големина сепак има малограѓанштина. Да бидат работите уште полоши, лидерот на тимот, Роби Робинсон (Мајкл Китон) ќе се соочи и со својот грев на пропуштање - како уредник на градската рубрика, тој пропуштил да ја истражува приказната кога таа била во самиот ек. Сосема библиски, секој во „Spotlight“ има трн во око.

Ова е филм во кој ќе се заљуби секој новинар. Не станува збор само за тоа дека овој филм е споменик на доброто новинарство. Тој воедно е и новинарска научна фантастика, археологија на денес непостоечкиот универзум во кој редакцијата може да си дозволи четири луѓе да работат три големи теми на годишно ниво.

Освен што „Spotlight“ успева добро да ја реконструира новинарската и политичката афера, филмот има срце и за вистинската човечка драма. Ова е филм за луѓето на кои им се крши срцето додека ја отстрануваат политурата на невиноста од својата заедница, луѓето кои еден момент биле заразени со црквата, па сега се борат со духот на својата вера, за која повеќе не ни мислеле дека постои. „Spotlight“ е дискретно голем  филм.

 




Автор: Јурица Павичиќ

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура