X
 25.02.2023 Култура

Најконтроверзните филмови снимени досега

Иако филмовите се сметаат за форма на бегство од реалноста, има некои филмови што никогаш немале таков ефект врз публиката, а исто така не успеале да избегнат контроверзии.

Без разлика дали се работи за лош избор на актерската екипа, бизарни заплети или потенцијален политички бунт, ова се некои од најконтроверзните филмови што се појавија на нашите екрани во последно време.

„Волкот од Волстрит“




Кога Леонардо ди Каприо и режисерот Мартин Скорсезе соработуваат на филм, загарантирано станува збор за ремек-дело. Така, не беше исклучок и филмот „Волкот од Волстрит“ од 2013 година. Сепак, за разлика од нивните претходни соработки, овој филм не привлече позитивни критики.

Инспирација за филмот бил Џордан Белфорт, брокер кој измамил обични луѓе за милиони долари. Публиката верува дека филмот го велича однесувањето на Белфорт и хаотичната корупција што беснеела на Волстрит.

„Егзорцист“



„Егзорцист“ е еден од најголемите хорор-филмови на сите времиња и се рангира многу високо на секоја хорор-листа. Многу делови од овој филм, вклучувајќи го и самиот заплет, станаа стандардни во речиси секој филм за духови или егзорцизам во децениите што следуваа. Сепак, овој филм од 1974 година е опкружен со многу контроверзии.

Наводно гледачите имале ужасни физички реакции по гледањето на филмот, вклучувајќи повраќање и несвестица. Се тврди дека филмот користел сублиминални пораки за да ги поттикне овие негативни физички реакции од публиката. Не биле поштедени ниту актерите и екипата. Двајца од главните актери биле тешко повредени за време на снимањето, а да не зборуваме за чуден пожар кој го уништи сетот.

„Лига на правдата“



Франшизите за суперхерои беа на врвот во претходната деценија. Обожавателите на „Ди-си комик“ беа пресреќни кога открија дека нивниот омилен режисер Зак Снајдер ќе биде на чело на филмот „Лига на правдата“. Но, нивните надежи  пропаднаа кога Снајдер ја напушти продукцијата пред да биде завршен филмот. Џос Видон го замени Снајдер, но неговите напори се покажаа како залудни.

Обожавателите беа толку вознемирени, што сами формираа лига на правдата, а нивната мисија беше да се објави дел од „Лига на правдата“ во режија на Снајдер. Конечно, во 2021 година беше претставен четиричасовниот „Снајдер кат“ кој доби подобри критики.

„Нина“




Нина Симон е една од најзначајните американски музички икони на 20 век, па логично беше нејзината приказна да биде прикажана на филм. Токму таква цел имаше филмот од 2016 година.

Изборот на актерката Зои Салдана да ја игра Нина Симон се покажа како Ахилова пета. Салдана морала да носи протези и шминка бидејќи има порториканско и доминиканско потекло, додека Нина Симон била Афроамериканка. Многумина се прашуваа зошто режисерите едноставно не ангажираа актерка со слично потекло и боја на кожа како Нина, па поради тоа филмот не доби позитивни коментари.

„Кога јагнињата ќе стивнат“



Филмот е базиран на истоимениот роман на Томас Харис и освои пет „Оскари“. Љубителите на животни не треба да се грижат бидејќи јагниња не биле вклучени во снимањето на филмот. Наместо тоа, вистинскиот терор е насочен кон несреќните луѓе. Кларис Старлинг, приправничка на ФБИ и протагонистка во филмот, е во потрага по сериски убиец со помош на Ханибал Лектор, кој и самиот е сериски убиец.

Кларис се запознава одблиску со Ханибал, од кој ѝ се ежи кожата. Филмот се појавува на различни листи со „најголеми филмови на сите времиња“ и се смета за ремек-дело од жанрот хорор. Контроверзиите околу филмот произлегоа од начинот на кој беа прикажани ликовите на ЛГБТ-заедницата. Активистите за хомосексуалните права оттогаш го критикуваат филмот за прикажување  негативни стереотипи поврзани со заедницата.

„Титаник“



Епската романса на Џејмс Камерон доживеа огромен успех кога беше објавена во 1997 година и сè уште е еден од најомилените филмови на сите времиња.

Успехот на филмот, кој собори рекорд, не значеше дека нема полемики зад сцената. Не само што доцнеше шест месеци, туку наводно беше и 100 милиони долари над буџетот. За работите да бидат уште полоши, повеќе од 60 члена на екипажот сериозно се разболиле откако нивниот ручек бил измешан со PCP (фенциклидин). Иако виновникот никогаш не бил фатен, се верува дека бил незадоволен член на екипажот како одговор на суровите работни услови што Камерон ги создал за време на снимањето.

„Планина Бруокбек“



Филмот на Анг Ли од 2005 година се сметаше за монументален момент за претставување на хомосексуалците на филмското платно во тоа време. Геј романсата меѓу двајцата каубојци не беше прифатена со цело срце од целата публика, а некои земји дури и го забранија филмот.

Извор: 6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура