X
 21.02.2016 Живот

Писмото на една мајка на момче со аутизам

Дуња Тадиќ, мајка на момче со аутизам од Загреб, со својот статус до нејзиниот сосед кој неколку пати повикал полиција, ја освои Хрватска, а и регионот.

 

1


Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост.

„Соседу, пукаш во цивил!

Добар ден соседу што живееш под нас. Како си ти денес? Ние сме добро, ти благодарам на прашањето кое никогаш не си го поставил. Јас барем мислам дека сме добро, знаеш зошто? Затоа што Игор ако не е добро тој не знае да каже. Не знае ни да покаже.

Замисли, ти тоа сигурно не го знаеш, аутизмот не зборува. Замисли, еднаш не спиеше три ноќи. Плачеше, се вртеше во кревет, можеби и „завиваше“, како што велиш ти, се фрлаше на подот. Знаеш драг соседу, и мене ме нервираше.

Си мислиш дека е безобразен, разгален, немирен. Знаеш дека едвај се воздржав барем малку да не го чукнам по газот.

Третото утро стана со потечена десна страна. Драг мој соседу, него три ноќи го болеше забот. Лудачки. А јас не знаев. Бидејќи тој не знае да каже. Ниту да покаже. А ти нас, можеби баш таа вечер, ни повика полиција. Полицијата не може да му го изваде забот, фала ако си мислеше да ни помогнеш. А не може ни итната помош. Бидејќи, соседу, за на дете со аутизам да му се изваде заб треба општа анестезија. А за тоа се чека на ред. Шест месеци. Замисли твојот син да го боли забот шест месеци? Знам дека не можеш да замислиш.

Не можеш ни да замислиш операција на нозете и гипсови на двете нозе истовремено два месеци. Па чеша под гипсот, па боли, па не можеш да се наместиш, не можеш да спиеш. Два месеци. А не знаеш ни да кажеш дека те чеша.

Ние не мора да замислиме. Ние тоа го поминавме. Два долги месеци, ноќ и ден. Малку плачевме, малку „завивавме“ како што велиш ти, но и многу се смеевме. Бидејќи ние сме такви. Се смееме и тогаш кога ни е тешко. Ок, некогаш и „завиваме“. Заедно. Ваууу, ваууу. Можеби баш во текот на некоја од тие ноќи ти ни испрати полиција на врата. Поради врева.

Врева која не е музика, иако стално ја слушаме, но тивко, бидејќи така ја сакаме. Верва која не е удирање по шницла, бидејќи Игор некако повеќе сака готвено. Врева која не е од разиграност како што твоите две здрави деца играат кошарка во станот. Или кога се бркаат еден со друг бидејќи се разиграни. И бидејќи се деца. Ти викаш полиција поради вревата која се вика аутизам. Тоа „завивање“ како што ти го нарекуваш со презир на лицето, е начин на кој Игор покажува дека нешто не му се допаѓа. На пример ти, кога ќе дојдеш во нашиот дом да ни кажеш да го обложиме целиот стан со изолација бидејќи твојот син се плаши од „завивањето“ кое ти не знаеш да му го објасниш.

Се шегувам дека не му се допаѓаш на Игор. Него сите му се допаѓаат. Тој тебе, драг соседу, и денес да те сретне би ти дал рака, би те бакнал. Таков е тој. Има некоја душа која ретко другите ја имаат. Има големо срце, какво што ти не си видел 100% и знаеш, тој е едно среќно дете.

И тој е заигран на тој свој „аутистичен“ начин, па ете некогаш малку повеќе се затрчува во станот, некогаш нешто му паѓа, бидејќи не сум ти кажала, има и малку тремор. Понекогаш рацете му треперат. Но тоа е од лековите. Не е од аутизмот. Од лековите за епилепсија ако те интересира. Кога ќе трча, јас секој пат, секој пат драг соседу му велам: „Немој душо, убаво оди, немој да удираш со нозете“. Затоа што драг соседу, не сме ние дивјаци ниту сме невоспитани ако имаме аутизам - нема врска едното со другото. Живееме во станот 10 години и досега никој сосед не ни ѕвонел поради врева ниту пак ни повикал полиција. Ова е прв пат. И втор. Ќе има и трет, го знам тоа. Би ти се обратила лично, но верувај дека не можам.

Не можам бидејќи се`уште не сум сретнала, еве за овие 18 години, колку што ги има Игор, личност која со толкав презир го гледа мојот син. Не можам да те погледнам. Не можам да ти се обратам. Извини, но ми се гади од тебе. Сакав само да кажам генерале, пардон соседу, дека пукаш во цивил. Пукаш во ангел со скршени крилја.

Ние ќе продолжиме со својот живот како и досега. Ќе ја слушаш вревата. Знаеш зошто? Бидејќи Игор има право на тоа. Не само правото кое му го дава аутизмот, туку правото на секој човек да се изрази, да покаже емоција на начин на кој знае и може. А ти секој пат викај полиција. Момците се доста кул. Два пати не` пробудија бидејќи дојдоа саат и пол откако од нашиот стан се слушна последната врева. А знаеш што направи Игор? Онака збунет, сладок како мед, топол од сонот и креветот, дојде на врата и ги бакна.

Ти кажувам, ваква душа и срце ти се`уште не си видел.

А сега - викај полиција, соседу.

Мајката на Игор“.

 


Komšija, pucaš u civila!Dobar dan komšija ispod nas što živiš. Kako si ti danas? Mi smo dobro, hvala ti na pitanju...

Posted by Dunja Tadic on Thursday, February 18, 2016
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот