X
 16.09.2019 Наша тема

Ни едно лице со аутизам во Македонија не е вработено, а тие се одлични во повеќе професии

Во зависност од нивните способности, вештини и потенцијали, лицата со аутизам може да бидат исклучително доверливи работници, кои имаат големо внимание на деталите, високи нивоа на концентрација и силни истражувачки вештини кои може да се искористат за да се произведе висок квалитет на работа

Ниедно лице со аутизам не е вработено во македонска компанија. Потенцијалните работодавци генерално покажуваат позитивни ставови кон лицата со аутизам, но кога ќе дојде време тие да бидат вработени, се колебаат и се повлекуваат. Ова е еден од заклучоците на Марија Милошевска, специјален едукатор и рехабилитатор, која неодамна дипломира токму на темата „Лица со аутизам и Даунов синдром како потенцијален човечки ресурс за вработување во компаниите во Македонија“ на Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет од Скопје. Таа би сакала да го продолжи образованието на мастер-студии за менаџмент на човечки ресурси.

- Моментално сум вработена во компанијата „Алкалоид“. Би сакала да воведам менторство во овој сектор, односно во секоја компанија во одделот на човечки ресурси да има вработено стручно лице кое ќе биде одговорно за вработување на лицата со попреченост и ќе обезбедува поддршка, помош при работењето и зголемување на стапката на вработеност на овие лица во Македонија.


Милошевска заедно со својот ментор, проф. д-р Владимир Трајковски

Дали истражувањето на темата одеше лесно и дали оваа проблематика посебно Ве интересираше уште за време на студиите?

- Во текот на студирањето се насочував кон предметите што се однесуваа на правата на лицата со посебни потреби, особено нивното право да бидат вработени. Мојата заинтересираност за аутизмот произлезе уште во првата година од студиите од интересните, едукативните и организираните предавања на проф. д-р Владимир Трајковски од Институтот за специјална едукација и рехабилитација на Филозофскиот факултет при УКИМ, кој е и претседател на Македонското научно здружение за аутизам, а воедно имав чест да соработувам со него како ментор на мојата дипломска работа. Се среќавав со мал број податоци за лицата со аутизам и сѐ уште, за жал, не постојат точни податоци за бројот на лица со аутизам во Македонија. Се соочував со податоци кои констатираа дека во нашите компании нема ниту едно вработено лице со аутизам, што претставува поразителен факт за нашите работодавци и за општеството.

Поради овие причини, одлучив да направам истражување преку кое ќе се согледаат ставовите и мислењата на работодавците и нивните вработени во компаниите во Македонија за вработување, применување на законската регулатива при вработување и преземање соодветни мерки за адаптација на работните места на лицата со аутизам и Даунов синдром, во однос на работодавците и вработените во компаниите во Сингапур и во Канада. Во текот на истражувањето имав коректна и позитивна соработка со компаниите од Сингапур и Канада, за разлика од нашите компании, од кои делумно не сакаа да соработуваат и да споделуваат информации.

Кои се главните причини зошто сопствениците не сакаат да вработуваат лица со аутизам? Беа ли тие вклучени во Вашето истражување?


- Дел од работодавците се загрижени за нивната продуктивност, квалитетот на работа, недостиг на неопходно знаење, ставови и затвореност на менаџментот и стравувања од дополнителни трошоци. Овие ставови најчесто произлегуваат од постојаните митови и погрешни претстави, а не од директни искуства. Потенцијалните работодавци генерално имаат тенденција да изразуваат позитивни ставови кон лицата со аутизам, но кога станува збор да ги вработат во нивната компанија, тогаш се повлекуваат и се колебаат. Во истражувањето на професорите Тања Станкова и В. Трајковски во 2010 година, за ставовите и размислувањата на работодавците, вработените лица и родителите за вработување на лицата со аутизам во Република Македонија, се докажало дека во Македонија не постои позитивна клима за вработување на лицата со аутизам, односно дека работодавците не би вработиле лице со аутизам. При споредба на добиените резултати од ова истражување се потврдува дека во Македонија сè уште не постои позитивна клима за вработување на лицата со аутизам, иако висок процент од испитаните работодавци од компаниите во Македонија се имаат изјаснето дека би вработиле лице со аутизам, сепак, во ниедна од испитаните компании сè уште нема вработено лице со аутизам.



На одбраната на дипломската работа заедно со професорите Наташа Станојковска-Трајковска, Владимир Трајковски и Даниела Димитрова-Радојичиќ

Имаат ли фирмите некакви законски олеснувања доколку решат да вработат лице со аутизам?

- Во 2000 година Република Македонија го донесе Законот за вработување на инвалидни лица. Со овој закон се уредуваат посебните услови за вработување и работење на инвалидни лица. Законот за вработување на инвалидни лица обезбедува:
- Доделување неповратни средства за вработување на неопределено време на невработено инвалидно лице, адаптација на работното место на кое ќе работи инвалидното лице доколку таа е потребна и набавка на опрема според критериумите на начин утврден со акт на министерот за труд и социјална политика,
- Ослободување од даноци и обезбедување средства за придонеси, финансиска поддршка во работењето.

Нешто помалку од една година во Скопје работи ресторанот „Амбрела“, каде што се вработени десетина лица со попреченост. Треба ли и други компании да го следат овој пример?

- Ресторанот „Амбрела“ им овозможува на овие лица преку работата активно да се вклучат во социјалниот живот и притоа да обезбедат личен приход. Овој пример треба да го следат компаниите и сите граѓани да ги гледаат како потенцијал, да им се даде можност да заработуваат и да бидат независни и самостојни личности.

Што сѐ би можеле лицата со аутизам да работат, односно во какви дејности би можеле да бидат вклучени?


- Во зависност од нивните способности, вештини и потенцијали, лицата со аутизам може да бидат исклучително доверливи работници, кои имаат големо внимание на деталите, високи нивоа на концентрација и силни истражувачки вештини кои може да се искористат за да се произведе висок квалитет на работа. Најчести одговори од страна на работодавците во Македонија за понудено работно место за лица со аутизам се: според способностите, вештините и потенцијалите што ги поседуваат лицата со аутизам: помошник-администратор, помошник-келнер, пакување продукти во производствениот процес, монтирање и пакување во одделите за конфекција.

Какви се искуствата во светот по ова прашање? Има ли светли точки?

- Од спроведеното истражување и анализираните резултати во Македонија од испитаните 35 компании, сите се изјаснија дека немаат вработено ниту едно лице со аутизам, додека во Сингапур од спроведеното истражување на 15 работодавци, 8 одговорија потврдно, односно дека имаат вработено лица со аутизам и во Канада од спроведеното истражување на 15 работодавци 3 одговорија потврдно, односно дека имаат вработено лица со аутизам во компанијата. Со тоа се покажува дека стапката на вработеност на лицата со аутизам во овие земји е значителна и имаат соодветни услови за работа и адаптација на работното место каде што непречено ги извршуваат своите работни задачи.


Марија Милошевска

Како да се подобри свеста за лицата со аутизам и да се подобри нивниот статус во општеството и да можат и тие да работат?


- Нашето општество едноставно не е доволно зрело да ги прифати ваквите лица. Има премногу предрасуди со кои лицата со аутизам и нивните семејства мора секојдневно да се борат. За едно лице со аутизам да ја добие потребната поддршка во општеството, првенствено треба да се смени свеста. Тоа значи дека треба да сме свесни дека аутизмот постои, треба да ги прифатиме тие лица токму онакви какви што се, различни, но слични. Да ги увидиме квалитетите со кои располагаат. Постои недостиг на знаење за препознавањето на способностите за работа на лицата со попреченост и потребни вештини, што претставува бариера и резултира во затвореност на бизнис-секторот за вработување на лица со попреченост и градење промени во работната средина или вработување од сомилост.

Потребно е да се организираат информативни предавања или, пак, посети на компаниите од страна на стручни лица-специјални едукатори и рехабилитатори, кои ќе ги запознаат работодавците со бенефициите што ја следуваат нивната компанија, доколку вработат лице со попреченост, со што би се зголемил интересот за вработување лица со пречки во развојот, нагласувајќи ги лицата со аутизам.

Потребно е обезбедување на нивна доследна примена во практиката и/или вградување на аспектот на попреченост во човечките ресурси (регрутација, обезбедување работни услови, задржување на работа). На работодавците да им се посочат работните места, во нивните компании, на кои лицата со аутизам можат да дадат свој придонес за натамошниот развој и напредок на компанијата.

Креирање национална стратегија за аутизам, национален регистар за да го дознаеме точниот број на лица со аутизам, формирање повеќе центри за заштита и рехабилитација на децата, младинците и возрасните лица со аутизам, но и поголемо вклучување не само на одговорните фактори, туку и дополнителна едукација на специјалните едукатори и рехабилитатори, медицинарите, психолозите и социјалните работници за подигнување на квалитетот на животот и остварување на првата на лицата со аутистичен спектар на нарушувања во Македонија, права кои им се гарантирани со Конвенцијата од ОН.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема