X
 26.02.2016 Култура

Приказната за најпознатиот портрет на сите времиња

Најпознатиот портрет на сите времиња бил фотографиран од Стив Меккури за „National Geographic“. Ова е приказната за тој портрет. Годината е 1984 во текот на советската окупација на Авганистан. Фотографот Меккури работи за „National Geographic“ на приказна за авганистанската бегалска криза. Во шаторите на бегалскиот камп „Насир Баг“ се организираат училишни часови.

Меккури немал често можност да фотографира жени во Авганистан, но во шаторот се наоѓаат девојчиња до 13-годишна возраст кои не мора да носат бурка и чии лица се откриени. Стив реагира брзо и ја прави легендарната фотографија.


Но, фотографот не го забележал името на девојчето. Нејзината фотографија се појавила на насловната страница на списанието во 1985 година, со наслов: „Авганистанска девојка“. Лицето со црвена марама кое со зелените очи гледа директно во апаратот преку ноќ станало симбол за конфликтот во Авганистан и амбасадор на сите бегалци во светот. Сликата станала најпрепознатлива во историјата на списанието. Името на девојчето било Шарбат Гула, но тоа било откриено дури по 17 години.

Во почетокот на 1980-те години, советски хеликоптер го нападнал селото во кое живеела Гула со своето семејство. Родителите на девојчето загинале во нападот, а таа со бабата, братот и трите сестри две недели патувале низ снег кон Пакистан. Тогаш таа имала само 6 години. Откако стигнале во Пакистан, тие смениле 3 бегалски кампови, за конечно да се сместат во четвртиот во кој била направена фотографијата.

Во текот на таа година, фотографот Меккури примил многу писма во кои луѓето се распрашувале за девојчето од насловната страница. Тој, исто така, се обидувал да ја пронајде, но без успех. Гула се венчала кон крајот на 1980-те, а во 1992 се вратила во Авганистан. Таму на власт биле Талибанците, кои ја изолирале земјата.

Во текот на 2001 година, откако бил прекинат режимот, „National Geographic“ организирал потрага по девојчето од насловната страница. Потрагата не била едноставна бидејќи многу жени тврделе дека се таа личност од фотографијата. Девојката конечно била пронајдена во регион во планината Тора Боре, а нејзиниот идентитет бил потврден со биометриско мерење - технологија на споредување на зеницата на жива личност и лице од фотографијата.


Гула се сеќавала на моментот кога била направена фотографијата. Тоа, впрочем, било единствениот пат кога некој ја фотографирал. Симболиката на фотографијата и светската слава која ја донела никогаш не стигнале до неа. „National Geographic“ снимил и документарен филм за потрагата и основал фондација за финансирање на образованието на авганистанските жени.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура