Вечната дилема е кој празник повеќе го празнуваме - Свети Трифун, кој се слави со вино, или Свети Валентин, кој е ден на љубовта. Според теолозите, и двајцата светители се дел од христијанството, еднакво признаени и кај православните и кај католиците, но за секој од нив се изградил одреден култ кај одредената црква
Свети Трифун или Свети Валентин? Празник на љубовта или празник на виното?
Младите го слават Свети Валентин, а старите Свети Трифун. Најдобро да славите заедно, и љубов и вино. Свети Валентин е католички празник, православните не треба да го слават. Секој 14 февруари се отвораат истите овие дилеми.
Кој празник да се слави?
Дали славењето на едниот или на другиот е погрешно и колку е во согласност со македонската традиција?
Свети Трифун е празник кој е дел од православната традиција и се празнува според календарот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, а во Македонија се слави како заштитник на лозарите.
Православната црква го слави и Свети Валентин, но не на 14 февруари, туку на 19 јули и на 12 август.
Од друга страна, пак, Свети Валентин се слави повеќе во католичките земји, но кај нас во последните две децении масовно се одбележува меѓу младите како ден на вљубените.
Кои биле свети Трифун и свети Валентин?
Според теолозите, и двајцата светители се дел од христијанството, еднакво признаени и кај православните и кај католиците, но за секој од нив се изградил одреден култ кај одредената црква.
Професорот Ратомир Грозданоски, теолог од Православниот богословски факултет во Скопје, на својот веб-портал пишува дека свети Трифун и свети Валентин живееле во третиот век и правеле многу добрини и чуда, помагајќи им на луѓето, пожртвувано до својата смрт.
- Не треба да се прават поделби меѓу православните и католичките верници и да се спори за тоа кој што и кого има право да слави. Многу често се поставува тоа дека ако си православен, немаш право да го славиш Свети Валентин, а штом си католик, тогаш не треба да го славиш Свети Трифун. Вистината е јасна и едноставна. Ништо нема спорно и ништо за бој на едни против други. Не се проблем светиите, верите и празниците, туку ние - објаснува теологот Грозданоски.
Култот на Свети Трифун низ традицијата
Меѓу поголемите празници што македонскиот народ ги празнува со многу обичаи спаѓа и Свети Трифун, празник главно познат по обредното закројување на лозјата.
Во Македонија овој ден е проследен со разни обичаи во разни краеви од земјата.
Едни го сметаат за последен од зимските, а други за прв од пролетните празници.
Во некои краишта на Македонија, како што се Охрид и Прилеп, празникот е познат и како Свети Трипун (или Трипун) ‒ пијаницата. Како што забележале собирачите на македонските народни умотворби, но и на народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.), поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи.
Во Тиквешијата рано наутро лозарите оделе во своите лозја каде што закројувале неколку лози. Притоа закроените лози ги полевале со вино и благословувале: „Господе, ти давам едно шише со вино, за илјада да ни подариш.“
Во Ваташа при полевањето со вино и ракија се велело: „Еве ти вино и ракија, а ти дај ни убаво и квалитетно грозје, да можеме да зобаме и вино и ракија да правиме. Бериќетна да ни е годината, да тежи од род.“ И овде по закројувањето се тркалале во лозјето за да се тркалаат и бочвите полни со вино.
Во Ваташа било обичај по закројувањето свештеникот, во црковниот двор, да забоде запалена гламна во земјата, со што се сакало да се забрза заминувањето на зимата и доаѓањето на пролетта.
Младиот гускар што ја излекувал царевата ќерка
Свети Трифун бил од едно селце во Мала Азија, во областа Фригија, од селото Кампсада. Родителите му биле многу сиромашни, па од мал го дале да ги пасе гуските во селото. Тој пораснал како беден гускар и како млад им служел на селаните и им помагал на сите.
Господ го наградил за неговата добрина и му дал дар на чудотворство, да лекува болни и да ги заштитува лозјата, овоштарниците, градините, посевите и нивите. Да им прави добро на сите, и на луѓето, и на животните, и на растенијата. Ја излекувал дури и ќерката на царот. Отишол во Рим и ја излекувал. Се разбира, царот богато го наградил, а тој сето богатство им го раздал на сиромасите и им се придружил повторно ним, продолжувајќи да живее сиромашно, во пост и во молитва и да им прави добро на луѓето.
Сиромавиот гускар брзо станал царски и богат човек, но тоа не го погордеало и тој пак се вратил кај гуските и кај луѓето, на кои им требала неговата помош. Потоа дошол друг цар на престолот, кој чул дека Трифун проповеда христијанство и му ја отсекол главата, а тој, и кога го мачеле, го славел Бога што му дал можност да страда за Христа и за верата христијанска. Главата му била отсечена на 14 февруари. Затоа и се празнува на овој ден.
Современикот на свети Трифун од Рим
Во истото тоа време кога живеел свети Трифун во Азија на исток, во Италија, на запад, живеел свети Валентин, во градот Интерамни. Потоа бил и во Рим, како затвореник, каде што бил и погубен. И тој, како свети Трифун, уште од младоста бил многу добар и истакнат христијанин, па Бог го избрал да стане и свештеник и проповедник на верата. Пастирствувал како добар пастир и им служител на Бога и на народот без страв, и не само тајно, туку и јавно, пред сите, говорел за верата. Го викнале на суд во Рим, а тој и додека бил таму го правел истото. Царот наредил да биде измачуван и убиен овој храбар и добар свештеник Христов, кој станал свештеномаченик на целата црква. Се упокоил на 12 август и црквата го определила тој датум за негов празник.