Поради правописни грешки во налогот за трансфер на парите, спречена е низа на трансакции со кои хакерите се обиделе да извлечат милијарда долари преку централната банка во Бангладеш.
Во еден од најголемите грабежи во историјата, непознатите хакери успеале да извлечат повеќе од 80 милиони долари. Тие влегле во системот на банката на Бангладеш и ги украле кодовите кои служеле како авторизација за извршување на трансфер на пари. Потоа, на американските федерални резерви им испратиле 35 налози за трансфер на пари од сметка на банка во Бангладеш на сметка на Филипините и во Шри Ланка.
Налозите за префрлување на 80 милиони долари поминале, меѓутоа петтиот налог за префрлување на 20 милиони долари на сметката на непрофитабилна организација во Шри Ланка бил спречен бидејќи хакерите погрешно напишале „Shalika Foundation“, името на институцијата. Наместо „foundation“, тие напишале „fandation“ при што од Дојче Банката преку која бил извршен трансферот, побарале од централната банка во Бангладеш да даде подетално објаснување.
Портпаролот на Банката Бангладеш, Субханкар Саха, објаснува дека преостанатиот трансфер помеѓу 850 и 870 милиони долари бил запрен бидејќи американскиот FED поради бројот на трансфери предизвикал алармантна состојба поради сомневање за перење на пари.
Од Бангладеш велат дека успеале да влезат во трагата на еден дел од украдените пари и дека соработуваат со службата за спречување на перење пари на Филипините за да го пронајдат останатиот дел.