X
 12.04.2016 Економија

Само 12.000 вработени со плата над 50.000,00 денари

 

Просечната плата во изминативе три години во Република Македонија е во благ раст, според анализата што ја направи Факултети.мк според податоците преземени од Државниот завод за статистика.



Имено, во 2015 година просечната плата изнесуваше 21.903 денари, додека во 2014 година изнесуваше 21.393 денари. Платата за јануари 2016 година изнесуваше 22.254 денари.

Според Државниот завод за статистика помалку од 12.000 лица, односно 2.7% од вкупно вработените со полно работно време земаат плата повисока од 800 евра, односно над 50.000 денари, додека 10.421 вработен зема плата од 40.000 до 50.000 денари.

Секторите како банките, телекомуникациските компании, осигурителните компании и енергетските се оние кои даваат повисока плата, додека просекот во другите компании е околу 200 евра. Просечна плата примаат 12.945 лица.

Најниски плати земаат работниците во текстилната, кожарската и преработувачката индустрија каде просекот е 12.000 денари. Највисока плата земаат информатичарите, брокерските друштва, банките, фармацијата, осигурителните и телекомуникациските компании.

Каква е ситуацијата во регионот?


Највисоката просечна плата во регионот е исплатена во Словенија - 1.092 евра, а најмала во Албанија- 357 евра, во Македонија просечна исплатена плата за месец јануари 2016 изнесува 361 евра.


Просечната плата во Грција изнесува 1069 евра, следи Хрватска со 742 евра, Црна Гора 478 евра, Босна и Херцеговина 425 евра, Бугарија - 376 евра и Србија 363 евра.

Просечната плата во земјите од Европската Унија

Највисоката минимална плата во земјите од ЕУ е во Луксембург, 1.923 евра, а најниската минимална плата е во Бугарија и изнесува 184 евра.

Доколку се направи споредба, минималната плата во Македонија од јануари минатата година изнесува 155 евра, што е за 12.4 пати помалку од највисоката минимална плата во ЕУ и за 29 евра помалку од најниската минимална плата.

Минималната плата пак во Америка за јануари 2015 година изнесуваше 1.035 евра.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија