Шест децении откако советскиот космонаут Јуриј Гагарин стана првиот човек во вселената, со што Москва ја донесе клучната победа во Студената војна, Русија повторно е во вселенска трка со Вашингтон. Една од најпознатите руски актерки, 36-годишната Јулија Пересилд, на 5 октомври ќе лета до Меѓународната вселенска станица заедно со филмскиот режисер Клим Шипенко.
Нивната мисија е да го снимат првиот филм во орбитата, и тоа да го направат пред Американците.
Доколку нивниот план се реализира, Русите се очекува да ги победат sвездата на „Невозможна мисија“,
Том Круз, и холивудскиот режисер Даг Лиман, кои први го најавија својот проект заедно со НАСА и „Спејс екс“, компанијата на милијардерот Илон Маск.
- Навистина сакам да бидам не само прва, туку и најдобра - вели актерката Пересилд, која ќе лета со руската ракета од космодромот „Бајконур“ во Казахстан на 5 октомври.
„Предизвик“ е работниот наслов на рускиот проект, а беше објавен во септември минатата година, четири месеци по објавувањето на холивудскиот проект.
Но, освен големите амбиции, не се знае ништо подетално за филмот.
Руските медиуми открија малку за дејствието, кој екипажот и руската вселенска агенција го чуваа во тајност. Приказната ќе биде поврзана со лекар кој е итно испратен на Меѓународната вселенска станица за да ги спаси астронаутите.
Не се знае многу ниту за буџетот на „Предизвик“. Но, не е тајна дека патувањето во вселената е прилично скапо: едно патување до Меѓународната вселенска станица чини околу 10 милиони долари.
Подготвувајќи се за оваа вселенска трка во 21 век, Пересилд минува низ интензивна обука во Центарот за обука на космонаути „Јуриј Гагарин“, во близина на Москва.
Поставување на филмски сет на Меѓународната вселенска станица ќе претставува вистински предизвик за работа, особено за режисерот, но и за оние кои треба да ракуваат со камерите, осветлувањето, звукот и шминката.
Пересилд истакнува дека за разлика од многу други советски деца кои пораснале со подвизите на Гагарин, таа никогаш не сонувала да оди во вселената и признава дека почувствувала страв кога била избрана за филмот од група од 3.000 кандидати.
- Не сум суперхерој - вели таа.
Извор:
Index.hr
Фото:
Wikipedia