Во светот на виртуелната реалност, опремата на „Самсунг“ станува се` повеќе популарна. Но, доколку сте корисник на уред од „Apple“, можеби наскоро за вас ќе пристигне нешто уште подобро. Како што компанијата се подготвува за претставување на новиот ајфон, повеќе податоци покажуваат дека тие работат и на уред за виртуелна реалност, пишува „Форбс“.
Компанијата никогаш јавно не го покажала својот интерес за овој пазар, се` до конференцијата во јануари годинава. Тогаш, извршниот директор на компанијата, Тим Кук, добил прашање во врска со виртуелната реалност, на кое одговорил дека смета дека е многу интересна и има интересни примени.
Дали ова може да се смета за потврда? „Форбс“ наведува неколку докази за тоа. Меѓу другото, компанијата од 2014 наваму вработува повеќе инженери со искуство со 3Д-графика и виртуелна реалност. Поспецифично, компанијата барала инженери кои би граделе апликации кои интегрираат системи за виртуелна реалност за тестирање.
Потоа следувало вработувањето на повеќе експерти од „Мајкрософт“ и „Литро“. Освен тоа, компанијата купува други компании за 3Д-графика и виртуелна реалност од 2013 наваму.
Друг доказ дека компанијата се интересира за виртуелната реалност можеби е и посетата на лабораторијата за виртуелна реалност на „Стенфорд“. Директорот на лабораторијата изјавил дека од „Apple“ не влегле во неговата лабораторија 13 години, со исклучок од три пати во последните три месеци.
Каква виртуелна реалност би нудела компанијата?
Барања за патент од 2013 година откриваат уред кој се става на главата. Во патентот пишува за уред кој нуди лично медиумско искуство за секој корисник.