X
 27.05.2018 Забава

Прво тренинг во виртуелна реалност, па потоа патување во вселената

Компанијата „Вирџин Галактик“ целосно ја прифаќа новата технологија и веќе подолго време експериментира со концептите на проширена и виртуелна реалност. Со нив компанијата сака на јавноста да ѝ го приближи концептот на летање во вселената и да ги запознае потенцијалните клиенти со тоа искуство.

Том Вестреј е креативен директор на компанијата и тој објасни какви планови имаат за проширената и за виртуелната реалност.

-Ние од „Вирџин Галактик“ знаеме дека виртуелната реалност ќе биде многу важен дел од нашата иднина и тука не мислам само на маркетинг и на настани, туку и на подготовка на астронаути за искуството на летање во вселената - вели тој.

Меѓу клиентите на компанијата ретко ќе има професионални астронаути со неколку години искуства, туку тоа ќе бидат обични луѓе кои платиле за летот. Под обични мислиме на бројните богаташи кои се подготвени да дадат 250.000 долари за едно возење. Ако мислите дека „Вирџин Галактик“ нема да најде луѓе кои се подготвени да платат огромни суми за да полетаат во вселената, се лажете. Над 650 лица веќе искажале интерес.

Фото: TechRadar

-Нашите клиенти ќе поминат четири дена со нас пред летот. Првите три дена се за тренинг, а на четвртиот полетуваат. Идејата е секое нормално лице да може да дојде и да лета со нас, па затоа ги обезбедуваме тие три дена тренинг - истакнува Вестреј.

Тој додава дека ова не е како во филмовите каде секој минува низ строг тренинг, туку е еден вид оптимизација на искуството за да на луѓето им биде удобно во кабината и за да нема шок кога ќе полетаат, туку да уживаат во летот. Токму за тоа е предвидено да се користи виртуелната реалност.

Сѐ уште не се знае кога точно ќе се случат првите летови на „Вирџин Галактик“, но постои голема шанса дотогаш да видиме големи технолошки напредоци на полето на виртуелната и проширената реалност.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава