X
 17.01.2019 Технологија

Во кинеските училишта тестиран уред што го скенира мозокот и покажува дали учениците ја следат наставата

Дали професорите во иднина ќе го скенираат мозокот на вашето дете за да се осигурат дека ја следи наставата? Ова американско технолошко чудо веќе се тестира на 10.000 кинески ученици, а програмата се шири и во училиштата во другите држави од светот.

Ова контроверзно испитување користи високотехнолошка лента што се става на главата и преку вградените сензори ја мери работата на мозокот за професорите да бидат сигурни дека мислите на учениците нема да залутаат и дека се фокусирани на она што им се предава во училницата.

Луѓето од „Бреин Ко“, стартап-компанијата од Масачусетс, се уверени дека нивниот „Фокус ЕДУ“ може да им помогне на наставниците полесно да уочат на кои ученици им е потребна дополнителна помош во совладувањето на материјалот. За да проверат дали нивниот изум е навистина ефективен, тие склучиле договор со кинеските просветни работници и во училиштата спроведоа тестирање на ученици на возраст помеѓу 10 и 17 години.

Слични тестирања во помал обем се спроведени и во училишта во САД, Мексико, Шпанија и во Бразил. Но, голем број невронаучници ја доведуваат во прашање ефективноста на уредите, а експериментирањето со ваквата технологија предизвика и длабока загриженост за приватноста.

Кога се вклучени, лентите за главата користат сензори за електроенцефалографија, ЕЕГ. Уредите ги носеле 10.000 ученици на возраст од 10 до 17 години во текот на неодамнешниот тринеделен експеримент во Кина.



Учениците што биле дел од експериментот истовремено секој ден морале да издвојат половина час за дома, на своите паметни телефони да играат посебна игра на компанијата. Оваа игра наводно ја подобрува концентрацијата на играчите.

Биченг Хан, основач и извршен директор на компанијата „Бреин Ко“, тврди дека по тестирањето учениците добиле подобри оценки во училиштето, како и дека им било потребно помалку време да ги напишат своите домашни задачи.

Во меѓувреме, компанијата потпиша договор за испорака на 20.000 „Фокус ЕДУ“ ленти. Секој уред наизменично ќе го користат повеќе ученици, а целта на Хан е да допре до податоците на 1,2 милион ученици.

Резултатите од истражувањето спроведено над кинеските ученици засега не се објавени во ниту една академска публикација, а во научните кругови постои сомнеж за вредноста и исправноста на оваа технологија.

Во меѓувреме, компанијата почнува пилот-истражување во едно средно училиште во Бостон. Таму на учениците ќе им се понуди програма за опуштање наречена „neurofeedback“ - метод за да се подобри ефективноста на учењето и да се постигнат подобри резултати на тестовите.

Расел Баркли, клинички професор по психијатрија на Универзитетот на Вирџинија Комонвелт, тврди дека какви било подобрувања ќе бидат предизвикани од плацебо-ефектот.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија