X
 18.05.2016 Образование

Најчестите причини за непослушност на детето

Малите деца добро разбираат што сакаме од нив и многу често го прават спротивното од она што било побарано од нив. Тоа се случува најчесто од следниве причини.


Неповрзаност

Децата чувствуваат неповрзаност од повеќе причини. Понекогаш бидејќи родителите се тешки, манипулативни или бараат премногу од нив, а самите тие не се свесни дека така се однесуваат. Се случува и родителите да примат некое однесување на детето лично кога станува збор за однесување кое одговара на возраста на детето. Треба да се има на ум дека децата не прават некои работи намерно, за да ве извадат од такт. Бунтовното однесување може да биде и резултат на недостаток на родителска љубов. Честопати, воспитните методи на родителите се применети со доза на фрустрација и лутина, што на децата може да им предизвикаат чувство на непријатност, збунетост, па дури и страв.

Зборовите не се доволни

Родителите од раните месеци започнуваат да им зборуваат на децата што е правилно, а што не е. Треба да се знае дека доколку детето направило нешто лошо, не значи дека тоа станало „злобно“, туку на тој начин вербализира нешто што се` уште не може да изговори и објасни. Потоа, зборовите треба да се материјализираат, односно да се покаже што се мисли со нив.

Не сме убедливи или често сме премногу возбудени

Ако родителите самите не веруваат во некое правило, тоа е гаранција за неуспех. Начинот на кој ги кажуваме правилата или заповедите одлучува дали децата ќе слушат и следат. Потоа, се случува и родителите да бидат премногу возбудени или да реагираат бурно. Импулсивната реакција може да предизвика непосакувано однесување од кое нема да се ослободите лесно. Обидете се на некои ситуации да реагирате со игнорирање на потенцијалната провокација.

Премногу наредуваме

Никој не сака да живее според туѓите наредби, а особено не децата или тинејџерите. Секогаш кога можете, дадете му автономија и самостојност на детето. Вклучете ги децата во што повеќе одлуки, поттикнете ги заедно да ги решите проблемите и одберете помеѓу повеќе опции.

Имаат „свој начин“

Понекогаш е добро тоа што децата не слушаат се` што ќе им кажеме бидејќи тоа го одржува нивниот здрав инстинкт да учат на начин кој е, впрочем, најдобар - преку игра, истражување и со помош на „внатрешниот инстинкт“. Тоа може да биде корисно во некои ситуации и на некои места во јавност, но и за во иднина. Некогаш е добро да се биде свој и поинаков, но се` има свое време и свое место.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование