25.01.2021
Колумни
Создавањето добри луѓе е она што на деформираниот модерен свет му недостига: Станува ли невозможна мисија?
Се поставува прашање како да се постапи во еден ваков свет на криви огледала, во една ваква почва во која веќе ништо не е свето? Како да се посочат вистинските насоки? Како да се израсне добар човек во време во кое добрината станува хендикеп, учењето добива квалификатив на непотребност, а тивкоста на опасен белег кој не е препорачлив, загрозен од бучавата на гласните?
Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште
Современиот начин на живот денес подразбира постојано брзање, стрес поради неизвесноста и стравот од непредвидливите животни текови, трка по обезбедувањето на материјалните вредности, губење на потребата и можноста за опуштање со она што се има, колку и да е тоа малку и, секако, она најболното: немањето време за оние базични животни аспекти врзани за децата, семејството, негувањето на семејните вредности и градењето идни генерации кои ќе знаат да ги препознаваат вистинските вредности и за нив да се борат. Создавањето добри луѓе – она што на деформираниот модерен свет денес толку многу му недостига. Секако, во заедничко содејство на родителите и наставниците, како двата базични субјекти во животот на секое младо битие.
Се одлучив да пишувам на оваа тема од низа причини, но секако иницијалниот поттик дојде од мојот некогашен ученик, кој рече едно нешто, за мене и денес дефиниција за семејните приоритети и воспитните насоки:
„Знаете, професорке, никогаш не ми било јасно зошто кај во многу семејства искажувањето љубов, бакнувањето и прегратките на родителите пред децата се сметаат за срамни, а нивните меѓусебни караници и пцости, не.“
Ако се размисли подобро, може да се види длабоката точност на оваа изјава, затоа што една од деформациите во која живее модерниот свет е токму фактот дека современието диктира изостанување на блискоста која тргнува од дома, на сплотување на семејствата и на вкоренување на оние вредности кои некогаш постоеја и на кои денес се сеќаваме со носталгија, несвесни дека од нас зависи дали ќе се вратат дома и дали тука ќе останат. Сè уште оние убави, нормални, природни аспекти на живеењето се табу-теми, а некои други, како семејната агресија, на пример, се детектираат како оправдливи поради наметнатите животни амбиенти кои тежат, без да се земе предвид дека децата ги гледаат. Ги живеат и ги усвојуваат како нормалност. Ги мултиплицираат понатаму.
Од друга страна, училиштата станаа арена за преживување и на децата и на наставниците, оддалечени едни од други и сè повеќе немоќни во надминувањето на меѓусебниот јаз, кој станува сè поголем. Затоа живееме во свет (и во него ги воспитуваме и децата и како родители и како наставници) во кој блискоста се замени со отуѓеност, емпатијата со омраза, љубовта со интерес, верноста со хипокризија, лицето со опачина, трудот со неработење, наградите со успехот во фаќање кривини, срамот со безобразие, чесноста со гледањето во туѓото – генерално, правилноста со деформацијата по сите основи.
Се поставува прашање како да се постапи во еден ваков свет на криви огледала, во една ваква почва во која веќе ништо не е свето? Како да се посочат вистинските насоки? Како да се израсне добар човек во време во кое добрината станува хендикеп, учењето добива квалификатив на непотребност, а тивкоста на опасен белег кој не е препорачлив, загрозен од бучавата на гласните? Впрочем, како што би кажал Матош: „Добрината, благородноста... лесно пропаѓаат ако не се родени со заби.“
Верувам дека одговорот лежи, пред сè, во неколкуте факти кои мора да се изговорат, за ако ништо друго, барем да се направи траекторија по која би можело да се тргне. Ако не е предоцна, секако:
1. Пред сè, треба да се признае дека грешките направени (и сè уште се прават и ќе се прават) во сферата на родителството се големи, долготрајни и носат последици. Од оние што тежат толку многу, што од нив како родители треба да се срамиме. Не е детето виновно ако општествените деформации, кои секако се огромни многу долго време, му се вселиле дома и станале животен аутфит на неговото семејство, затоа што домата треба да е безбедна зона во која деформациите ќе се осудуваат како погрешни наместо да се прифаќаат како нормални, во филмот „Сите така и секаде е така, што можам јас да сторам поинаку?“ Трката на неговиот родител во името на детето, она за кое нема време, не може да биде оправдание за родителот затоа што детето не е трофеј, туку прекрасна емотивна обврска која треба да добие човечки лик, кој ќе го краси цел живот. Не е детето виновно ако во родителска немоќ, немарност или неспособност, ја доживува улицата како локација која му го нуди она што единствено е во можност да понуди – низа нови деформации како животни вредности од кои тешко има враќање назад. Не е детето виновно ако родителот е слеп за неговите модели на однесување и ако излезот го гледа во лоцирање на вината секаде, само не кај себе. Не е детето виновно ако не е научено да поздрави, да стане во автобус, да почитува наставник, да не малтретрира немоќен, да брани послаб, да биде чисто во умот и душата – тоа го гледа дома, тоа го носи надвор со себе. Цел живот, како дете кое пораснало, а не научило што е најважно за да биде човек со сите нишани – добрината.
2. Понатаму, треба да се признае дека грешките направени (и сè уште се прават и ќе се прават) во сферата на образованието се исто така големи, долготрајни и со последици кои се многу длабоки. Од оние што се со толкава длабочина, што од нив како наставници треба да се срамиме. Нашата објективна разочараност од сè што со децении се случува во образованието не смее да биде алиби за она што е наше однесување. Не е ученикот виновен ако општествените деформации и нам ни се вселиле и дома и во училница и што толку ни горчат. Не е ученикот виновен што сме слабо платени, што сме маргинализирани, што не сме способни да се бориме за своето професионално достоинство, а да не си извадиме очи попат. Не е ученикот виновен што нашата училница одамна ја нема онаа професионална убост поради која сме станале наставници, а поради која, очигледно и сме заборавиле зошто. Не е ученикот виновен затоа што, како што секогаш милувам да кажам, дозволивме политиката во образованието да победи во мечот со образовните политики и да ги нокаутира, се чини без надеж за станување по броењето. Освен ако оној што брои не сака да види за каква силина на удари станува збор. Не е ученикот виновен ако не сме го научиле да сака да учи. Ако и самите сме престанале да учиме. Ако сме заборавиле дека само писмениот описменува. Само топлиот загрева. Само прогледаниот учи на исправно гледање и ништо не смее да го искриви тој визир. Не е виновен ниту ако не сме способни да видиме колку многу тапкаме в место и колку многу ни треба лет. Колку многу од тој лет се плашиме. Колку многу се удираме в гради во име на писменоста, сè додека борбата за писменост не добие личен печат – тогаш ништо друго, освен личната сатисфакција, по цена и на губењето на колективниот лек, не е важно. Не е ученикот виновен ниту ако и ние сме слепи за неговите модели на однесување и ако излезот го гледаме во лоцирање на вината секаде, само не кај себе – тоа што го гледа во училница, тоа го носи надвор со себе. Цел живот, како ученик кој пораснал и созреал, а не научил што е најважно за да може да се брани – умот.
Не е едноставно. Воопшто не. Во тешките времиња, многу лесно испливува на површина искривениот лик на главните чинители во сагата за животот денес. Но она што е сигурно – колку и да станува невозможна мисија - правилното насочување на децата во светот полн со девијации останува најважната обврска за нас како родители и наставници. Најубавата, воедно. Оти затоа сме и родители и наставници.