07.06.2016
Образование
(ВИДЕО) МВР: Пронајдени докази дека осомничените земале мито за преодни оценки
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал од 2014 година во координација со Основно Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по претходно добиени криминалистичко разузнавачки информации и пријави од оштетени граѓани-студенти, отпочна со криминалистичко истражување на коруптивни кривични дела, сторени од страна на универзитетски професори од „Економскиот факултет“ при Универзитетот Св.Кирил и Методиј, Скопје на начин што директно или индиректно преку посредници, барале и примале поткуп со цел студентите да ги положат испитите по предметите кои ги предавале професорите.
Од страна на МВР, до ОЈО поднесена е кривична пријава против осум лица на возраст од 29 до 65 години, од кои шестмина професори на „Економски факултет“ Скопје, еден демонстратор и сопственик на правен субјект „БОБ ДЕН Кетеринг“ со подружница ресистрирана со седиште „Економски факултет“ Скопје. Тие се товарат дека сториле повеќе коруптивни дела како „примање поткуп“, „примање награда за противзаконито влијание“ и „давање поткуп“.
Според досега документираните сознанија, пријавените во текот на 2015 и 2016 година заради стекнување на противправна имотна корист ја искористиле својата службена положба на начин што од студенти на „Економскиот факултет“ Скопје, директно или индиректно барале парични средства за да во рамките на своите службени овластувања извршат дејствија што не би смееле да ги извршат, односно да им овозможуват на истите да се стекнат со преодна оцена по предметите кои тие ги предаваат, без притоа студентите да покажат соодветно знаење.
Осомничените во повеќе случаи за кои се обезбедени докази, барале различни суми од студентите кои се движеле од 500 до 1000 евра. За сметка на добиените пари, тие им впишувале преодни оцени кои не ги заслужувале, а документирани се и случаи каде оценка добиле студенти кои или немале право да полагаат или пак воопшто не го пријавиле испитот во испитната сесија. Во некои од случаите шемата била разработена така што сопственикот на бифето поткупот во вид на парични средства го земал директно од студентите, а потоа го предава на асистентот, за истиот да ги даде на професорите со цел истите во индексите на студентите да впишат преодна оценка 6 за предметите кој ги предаваат и покрај тоа што истите не го поседуваат потребното знаење за положување на испитот.
Станува збор за следниве премети од студиите на Економскиот факултет - Скопје, за кои имаме документирани сознанија дека во одредени случаи биле впишувани оценки на начинот кој веќе го опишавме: „Основи на економија“ и „Основи на сметководството“, „Математика за економисти“, „Статистика за бизнис и економија“, „Економика на претпријатија“ и предметот „Менаџмент на мали бизниси“.
Врз основа на претходно издадени Наредби од Судија на претходна постапка, за претрес на дом и други простории беа извршени тринаесет претреси од кои седум во домовите, потоа четири во професорските кабинети со седиште на „Економски факултет“, како и во просториите на правниот субјект „БОБ ДЕН Кетеринг“ и студентските прашања при „Економски факултет“ Скопје.
При претресот кај еден од осомничените во возилото кое го управувал пронајдени се парични средства во износ од 1000 евра (16 банкноти во апоени од 50 евра, како и две банкноти во апоени од 100 евра) кои се предмет на кривично дело. Кај друг професор пронајден е и одземен телефонски апарат Ајфон 6, предмет на кривично дело, а пак во неговиот кабинет пронајдени и одземени се четири индекси сопственост на студенти од „Економски факултет“ Скопје, а во домот на друг осомничен е пронајден еден индекс. При извршениот претрес во просториите на бифето пронајдени се две пријави за испит, а пак од просториите на студентски прашања при „Економски факултет“ Скопје одземени се 17 досиеја на студенти најчесто од прва студентска година. Исто така при претресите пронајден е нотес во кој се содржани податоци од студенти, матични броеви и сл.
Од вкупно осум пријавени, пет лица се приведени и задржани во ПС Кисела Вода до понатамошни насоки дадени од страна на Јавен Обвинител при ОЈО за ГОКК, а пак за лицата Т. Ф., С.Д. и Љ.Ј. од страна на ЈО изготвени се покани за раговор и на ден 07.06.2016 година истите ќе им бидат предадени.