Нов видео блог објавен на страницата на „Facebook“ на елитен универзитет во Пјонгјанг има цел да ни покаже како живеат студентите на кампусот.
Очекувано, во видеото ги има сликите на основачот на Северна Кореа и вечниот претседател Ким Ил Сунг, како и неговиот син и наследник, Ким Џон Ил. Говорникот во првото видео е студентката Ми Хјанг од Универзитетот за наука и технологија во Пјонгјанг. Следното видео ќе биде направено и објавено од страна на стоматолошката клиника при универзитетот.
Изненадува тоа што универзитетот има дури и страница на „Facebook“, со оглед на тоа што Северна Кореја е „офлајн“. Неодамнешен извештај открива дека пристап до интернет имаат само 7.000 луѓе во Северна Кореја. Поголемиот дел од нив се странски бизнисмени кои се во посета на земјата. Жителите на Северна Кореја се ограничени на контролираниот интернет кој го има само во земјата, кој ги поврзува библиотеките, универзитетите и владините организации.
Но, се чини дека Универзитетот за наука и технологија во Пјонгјанг е исклучок. На овој универзитет студираат децата на елитата во Пјонгјанг, а бил основан од корејско-американски претприемач. Сите часови се на англиски, а многу од професорите се Американци. Студентите на универзитетот имаат пристап до интернет кој смеат да го користат за истражувачки цели. Но, не се открива дали нивната активност на интернет се набљудува.
На универзитетот студираат околу 560 студенти, а истиот функционира преку донации и црковни фондови. Сепак, христијанските професори не смеат да зборуваат за својата вера.
Каква порака се праќа со видеото?
Продуцентите на видеото сакаат да испратат неочекувана слика од земјата. Тие сакаат да ја покажат Северна Кореја како модерна, космополитска и совршена земја за живот. Студентката во видеото зборува за забавата која ја имаат студентите на кампусот.