Инаку, согласно новиот Закон за високо образование, овие тела требаше да се формираат во текот на месец мај годинава
Нема застој во оценувањето на квалитетот на високото образование, образовните институции и акредитирањето на новите програми, уверуваат од Министерството за образование и наука.
Ова прашање се отвори бидејќи и оваа академска година почна без примена на повеќето одредби од новиот Закон за високо образование. На пример, веќе требаше да почнат со работа Агенцијата за квалитет во високото образование (Одбор за акредитација и Одбор за евалуација на високото образование) и Националниот совет за високото образование и научноистражувачката дејност, но тие сѐ уште не се ни формирани. Никој не знае ниту кога ќе се распишат нови студентски избори на државните универзитети.
Фото: Борче Поповски
МОН: Во тек е формирање на Агенцијата за квалитет во високото образование
Од Министерството за образование и наука велат дека сѐ уште функционира постојниот орган, односно Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, па нема простор за грижи.
Оттаму ни потврдија дека во тек е формирање на Агенцијата за квалитет во високото образование, но нема одговор кога ќе се случи тоа.
- Во текот на јуни Собранието на Република Северна Македонија објави конкурс за избор на директор на оваа установа, а во меѓувреме се очекува комплетирање на предлозите за членови во Oдборот за акредитација и Одборот за евалуација на високото образование од страните кои, согласно Законот, треба да ги достават и да имаат свои претставници (МАНУ, Организација на работодавци, Интеруниверзитетска конференција, студенти) - велат од МОН.
Инаку, согласно новиот Закон за високо образование, овие тела требаше да се формираат во текот на месец мај годинава.
- Но, поради претседателските избори, чија организација и спроведување придонесоа и за одложување на дел од активностите за основање на овие тела, процесот очекуваме да биде заокружен во најскоро време - велат од МОН.
Одговор за доцнењето на формирањето на овие важни тела за високото образование побаравме и од Владата. За дел од телата и оттаму треба да именуваат свои претставници.
Еве што ни одговорија:
- Комисијата за именување на Владата на Република Северна Македонија сѐ уште нема добиено предлози за именување на членови. Во моментот кога Владата ќе ги именува, јавноста ќе биде информирана.
Студентски избори на УКИМ не сме имале од 2016 година
Еден од поголемите проблеми во високото образование е студентското не(организирање).
Студентски лидер на најголемиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, иако со изминат мандат, сѐ уште е Давор Поповски. Тој беше избран во јуни 2016 година. Нови избори за студентски лидери и претставници на собранијата и на другите универзитети се чекаше да се распишат откако Собранието ќе ги изгласа статутите на универзитетите. Тие се изгласани, па сега нема пречки деканите на факултетите да не распишат избори за нови раководства.
Немањето легитимни претставници во студентските тела е проблем бидејќи тие учествуваат во работата на универзитетските сенати.
Професори нè брифираат дека постојано мора да внимаваат дали во меѓувреме студентите што седат во Сенат дипломирале, бидејќи во спротивно одлуките ќе бидат нелегитимни.
Фото: Борче Поповски
Сѐ уште никој не знае кога ќе се случат изборите, а во ваква ситуација се сите државни универзитети. На УКИМ, на пример, нема ниту студентски правобранител. Мобилниот телефон на последниот правобранител што е истакнат на страницата е даден на приватен корисник, а фиксниот телефон е исклучен.
Според Статутот на УКИМ, Универзитетското студентско собрание го сочинуваат по двајца претставници од факултетските студентски собранија со мандат од една година, со право за уште еден избор.
Претседателот на Универзитетското студентско собрание се избира од редот на именуваните претставници во собранието. И тој се избира за време од една година, со право за уште еден избор.
Изборите ги распишува деканот на факултетот во рок од 30 дена пред нивното одржување. Изборите се спроведуваат во работни денови во текот на неделите за настава во соодветниот семестар.