Вчера се одржа 17-то Бизнис кафе во Скопје. На него гостуваа Тања Кокев, Ненад Ристовски и Сашо Мацановски - Трендо.
Тања Кокев работела како новинарка, дизајнерка, менаџерка на книжари, но сега е најпозната по своите модни креации и се нарекува првата дама на модата во Македонија. Тања е основач на брендот „Кокев“, познат по своите венчаници, дизајни и парфеми. Почитувањето на вработените и клиентите е нејзината мотивација. За успех е важна и желбата за реализација, според Тања.
- Сите ние имаме премногу идеи, имаме премногу инспирации, меѓутоа ако не седнеш и сето тоа да го разработиш во глава и после тоа и да го сработиш, а тоа значи буквално од сабајле до вечер сработување со мислата во глава, мислам дека дефинитивно нема успех.
Ненад Ристовски е раководител на одделот за дигитални медиуми во „Публицис“. Најважно за успех во дигиталниот маркетинг е желбата и подготвеноста за пробување нови работи. Неговиот совет за почетниците е секогаш да експериментираат.
- Во секојдневната работа, секој има многу обврски и на секој му се доделуваат одредени задачи, проекти, кампањи, било што. Меѓутоа, она што ја прави разликата меѓу добро и одлично е тој персонален допир, тој дополнителен чекор што може да го направите, да се вложите себеси во нешто дополнително, па тој што ви ја дал задачата да добие нешто малку повеќе од тоа што го очекувал - вели тој.
Сашо Мацановски - Трендо, ни откри дека неговата страст, впрочем е пишувањето содржини за интернетот.
Трендо започнал со работа на интернет уште во 2000 година. Предизвиците биле различни од сегашните, интернет публиката тогаш била малубројна и имало помалку содржини, а денес публика има многу и содржини има многу. Кога станува збор за работата, Трендо смета дека треба да има интегритет, да биде забавна и да носи пари.
- Сите работи не мора да ги носат сите елементи, некогаш ќе работиш нешто без пари, некогаш па нешто нема да ти биде најзабавно во свет, ако треба да состанчиш утре во компанијата, меѓутоа за подолг рок, за да успее една прикаска барем по мене мора да ги задржи, да ги има тие три елементи – да ти биде забавно тоа што го работиш, да ти го обезбедува човечкиот интегритет (бидејќи може да биде забавно и да работиш во циркус и да те маваат со пити, луѓе се забавуваат со тоа ама ти не си баш среќен околу тоа) и некако, на крајот на краиштата, да имаш некои пари да можеш да го избуткаш месецот или животот или што и да е – вели Трендо.