Вчера (12.05) се одржа 16-то по ред Бизнис кафе во Скопје. Гостите беа интересни, а бројот на посетители беше голем. Се разменија визитки, се раскажуваа искуства и се откриваа трикови, а некои од посетителите си добија и вредни награди од спонзорите.
Борјан Колемишевски, маркетинг менаџер во Скопје Сити Мол беше првиот гостин. Во своето излагање, тој ни откри дека во Сити мол е веќе една и пол година, за време на која учествувал во повеќе интересни кампањи, дел од кои нам ни се добро познати - Late night shopping и Balkan Bike Festival се само некои. Од досегашната работа, Борјан научил дека за да се успее треба да се биде брз.
- Треба многу да се работи, секоја работа си носи своја тежина. Во бизнис сферата денес има брзи и спори. Ако си спор, било кој и да си, полека ќе отпаднеш од трка, ако си доволно брз, ако реагираш навреме, растот ти е гарантиран - смета Борјан.
Ангелка Пеева - Лауренчиќ, генерален директор на „Image PR“ на гостите им откри како започнала да работи во PR и како успеала да продолжи со успешната работа во годините кога оваа област станала повеќе популарна. „Image PR“ брои тим од над 50 луѓе од повеќе области и според Ангелка, вработените играат голема улога во успешноста на една компанија. Кога станува збор за особините кои треба да ги има еден вработен во нејзина компанија таа вели:
„Мора да биде вреден, мора да биде дисциплиниран, мора да го сака тоа што го работи, мора да гине за својот клиент, да верува во целта. Не мора да има многу дипломи, не мора да има многу сертификати, но мора да го сака тоа што го работи“, изјави таа.
На крајот од настанот говореше и водителот на шоуто „Еден на еден“, Жарко Димитриоски. Жарко ни раскажа за почетоците и предизвиците на маркетинг агенцијата „Еден на еден“, но и на емисијата.
Кога се работи за грешките, Жарко откри дека направил многу почетни грешки. Меѓу останатото, тој смета дека не ги ценел доволно вработените на почетокот. Според него, во секоја агенција или компанија има клучни вработени кои треба да се чуваат и наградуваат.
- Главните што ја држат работата, овие главните запчаници, главните алки во синџирот, мислам дека треба да се презадоволни од тоа што работат кај тебе. На почеток го немав тоа сфатено - смета Жарко.