X
 17.06.2016 Живот

Најпаметните животни во светот

Човек не мора да се занимава со истражување на универзумот за да  пронајде интелигенција во нечовчека форма - доволно е да „фрли“ поглед врз планетата Земја.

 

животни


Споредувањето на човечката и животинската интелигенција може да биде доста тешко бидејќи интелигенцијата постои во различни форми. На пример, верверичката може да се сети на местото кадешто закопала стотици лешници пред шест месеци, додека тешко помни човечки лица. Кучето го препознава сопственикот по мирисот, но тешко дека би испратил меил.

Прашањето е - врз основа на кои карактеристики интелигенцијата на животните се споредува со интелигенцијата на луѓето? Научниците во правењето на оваа споредба најчесто се фокусираат на неколку главни способности кои луѓето ги развиле низ историјата - правење алатки, користење симболи, емпатија и вештини при решавање на проблемите. Врз основа на човечките стандарди за мерење на интелигенција, кои животни се најпаметни?

Орангутаните мразат да извршуваат задачи низ дома




Свеста на овие мајмуни се наоѓа на ниво на 4 годишно дете. Во дивината користат стапчиња за да ловат риба, го мерат нивото на водата и доаѓаат до тешко достапна храна. Во заробеништво имаат способност да ги имитираат луѓето и досега научија како да користат чекан, да се ладат со влажни крпи и да перат облека.

Еден од најпаметните орангутани е Чантек, кој луѓето го чувале во 90-тите години. До својот деветти месец тој умеел да ги замоли научниците да му дадат пијалок, додека до четвртата година ја измисли фразата: „Паста за заби од домат“ со која го опишуваше кечапот.

Чантек дури научил и да лаже - за да избегне извршување на досадни домашни задачи, тој велеше дека мора да оди во WC.

Делфините играат „брканица“



Кога Били поминала три недели во заробеништво во Австралија, таа научила во водата да се движи наназад со својата опашка. Кога била вратена во дивината, оваа женка делфин ги научила истиот трик останатите членови од нејзината група, кои започнале да го изведуваат од забава.

Делфините со помош на сунѓер во устата ги вознемируваат организимите на морското дно со кои се храна, и користат школки за собирање риби. Играат „брканица“ со желките и обожаваат да се спуштаат по грбот на китовите.

Женката Кели од Институтот за истражување на морски цицачи во Мисисипи се особено итри - кога научила да носи парче хартија во замена за риба, таа скинала голема хартија на неколку делови и ги носела едно по едно за да добие повеќе риби.

Враните користат алатки за доаѓање до храна




Експертите за однесување на животните сметаат дека враните, семејство кое припаѓа на гаврани и чавки се паметни колку и просечно седумгодишно дете или мајмун.

Најпаметните се оние кои живеат во архипелагот Нова Каледонија во Тихиот Океан. Лабораториските експерименти покажале дека умеат да го подигнат нивото на водата во цевка со фрлање на камења во водата за да соберат парчиња храна кои лебдат во водата.



Најпаметната врана во светот е Бети, која живее во Оксфорд. Неа научниците ѝ дале пластична цевка со храна на дното. Таа ја свиткала жицата која близу до неа во форма на јадица и со тоа го зела парчето храна. Нејзиниот партнер Ејбел никогаш не се ни потрудил да направи јадица - тој трпеливо ја чекал Бети да си ја заврши работата, а потоа ѝ го крадел јадењето.

Во Јапонија враните ги фрлаат оревите на улица и чекаат автомобилите да ги скршат. Потоа се враќаат на улица и го вадат плодот кој се наоѓа во лушпите.

Зошто шимпанзата се шампиони?




Шимпанзата и нивните роднини бонобо мајмуните се грижат за болните членови во групата, плачат за мртвите и се здружуваат во групи за поуспешно да ловат.

Тие користат стапови како алатки со чија помош вадат бубачки од пукнатините и ги јадат, а камења за да ги скршат јаткастите плодови.

Еден од најпаметните мајмуни од оваа група е Канзи, бонобо од Ајова. Тој знае повеќе од 200 зборови. Шимпанзата исто така имаат одлична меморија. Овој месец прикажан е документарецот за Свин и Доли, шимпанзата кои ја виделе жената која ги спасила пред 17 години - и покрај тоа што поминало толку долго време тие се израдувале кога повторно ја виделе и започнале да ја прегрнуваат.

Слоновите се итри




Слоновите имаат најголем мозок од сите цицачи. Подеднакво се успешни како шимпанзата во препознавање себеси во огледало, решаваат проблеми со користење на алатки. Во дивината користат гранки за чешање и лисја за да ги избркаат мувите.

Нивната емпатија е на завидно ниво. Тие се вознемируваат кога ќе видат како член на нивната група ја истегнува сурлата кон жица со струја, ги штитат телата на мртвите младенчиња со денови, додека целата група забавува кога ќе види коски од слонови и поминуваат некое време галејќи ги коските со сурлата.

На азиските слонови кои работат, навечер луѓето им врзуваат ѕвончиња за да не влезат во фармите. Но, некои слонови откриле дека ѕвончињата не ѕвонат ако се пополнат со кал, со што можеле мирно да уживаат во бананите.

Остроумен како папагал



Папагалите не се само одлични имитатори, туку тие имаат и неверојатна способност за решавање на проблеми.

Еден од најпознатите папагали бил Алекс, кој знаел да изговори повеќе од 100 зборови, да идентификува повеќе од 50 различни предмети, да брои гласно до 6, да разликува 7 бои и 5 форми и го знаел значењето на зборовите „поголем, помал“ како и „ист, различен“.

Неговите последни зборови пред да почине во 2007 година на 32 години биле упатени кон психологот Ирена Пеперберг, а гласеле: „Биди добра, се гледаме утре. Те сакам“.

Горилата сакаат огледала



Горилата можеби се помалку љубопитни и ентузијастични од шимпанзата, меѓутоа секако можат да се пофалат со висока интелигенција и способност да го научат знаковниот јазик.

Коко, најпознатата горила во светот, досега има совладано повеќе од 1.000 зборови и знаци во реченици, може да кажува шеги и измислува нови зборови како: „ракавици за прст“ што значи прстен. Некои истражувања покажуваат дека горилата умее да го препознае својот одраз во огледало - тест кој покажува на тоа дека животните се свесни за нивното постоење во светот.

Прасињата обожаваат сложувалки



Прасињата се дефинитивно најголемите мислители на фармата - далеку се попаметни од коњите, кравите и кокошките.

Тие имаат одлична долгорочна меморија и лесно се справуваат со лавиринти. Научниците дури и успеале да ги научат да користат џојстик за да го движат курсорот на екранот на компјутерот, а тие покажале и способности за учење на разни трикови, од отворање на вратите од кафезите до скокање низ обрач.

Тие важат и за итри животни. Ако едното прасе верува дека другото заминало да пронајде јадење, тоа ќе го следи со надеж дека ќе добие дел од порцијата. Од друга страна, ако прасето мисли дека е следено, намерно ќе го одведе противникот во друга насока, за да се ослободи од него.

Претходно оваа година, германското прасе Мориц се прославило со видеото на кое мести детска сложувалка.

Октоподот Худини



Октоподите се толку паметни што нивното чување во аквариуми може да биде голем проблем. Во април минатата година, работниците од Националниот аквариум во Нов Зеланд откриле дека октоподот Инки во текот на ноќта успеал да протне низ мала дупка од аквариумот и поминал преку подот, до цевката долга 50 метри која водела до океанот.

Октоподите можат лесно да поминат низ подводни лавиринти и да го отворат пакувањето кое е направено да не можат да го отворат деца.

Тие исто така сакаат да играат. Персоналот од Аквариумот во Сиетл ставиле во празен аквариум октопод со шише кое пловело во водата. После неколку минути, откоподот откри дека шишето се одбива од ѕидот и се враќа назад. Животното оваа постапка ја повтори 20 пати - исто како што детето ја фрла топката на ѕидот и ја чека назад кога таа ќе се одбие.

Најдобриот пријател на човекот



Кучињата се особено добри во сфаќањето на намерите на нивните сопственици. Со леснотија го читаат изразот на лицето на луѓето и го следат погледот на нивниот сопственик доколку гледа во нешто.

За најпаметно куче во светот се смета Чејсер, женката бордер коли од Јужна каролина, која знае десетина глаголи како „земи“ и „стави ја шепата“, ги разликува по име 800 плишани животни, 116 топки и повеќе од 100 пластични играчки.

Дури и просечното куче разбира повеќе од 160 зборови, не земајќи го во предвид сопственото име - исто колку е едно двегодишно дете.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот