Студенткиот пленум обвинува дека се случуваат нерегуларности на денешните избори за нов студентски лидер на УКИМ кои започнаа утрово во 9 часот на сите 23 факултети, и покрај противењето на оваа студентска организација која ги смета за нелегитимни.
Пленумци објавија дека е прекршен принципот на тајно гласање на Правниот, Филозофскиот и Филолошкиот факултет каде недостасуваат паравани зад гласачките кутии. Инаку, факултетите каде денес се гласа за нов прв човек на СПУКМ се полупразни и нема атмосфера дека воопшто се случуваат избори.
На Фејсбук страницата на Студенскиот пленум, пишува и дека студенти од повеќе градови од земјава ќе се носат организирано на скопските факултети со автобуси само за да гласаат.
„Ако е ова точно малтретирањето на студентите за лични интереси претставува зенит на дрскоста и самоволието, затоа ве замолуваме доколку да забележите нешто што изгледа сомнително додека сте на факултет или во близина, сликајте го и пратете ни ја сликата како порака на Facebook странава. Анонимноста е загарантирана и однапред ви благодариме на сите“ , напишаа Пленумците.
Тие најавија блокада на денешните избори, но засега е мирно на сите факултети, нема никакви инциденти или блокада на изборниот процес.
Од Студенсткиот парламент (СПУКМ) информираат дека до 11:30 часот изборите поминувале во најдобар ред.
- Со мали тенденции од одредени групации, воглавно политички мотивирани од одредени политички структури. Од досегашните информации кои ни пристигнуваат од изборните комисии, таканаречениот “Студентски пленум” има одредени тенденции и обиди за попречување на изборите, но до сега нема никаков посериозен случај за инцидент. Апелираме до сите студенти да излезат и да го искажат своето демократско право за избор на студентски лидер, со тоа што ќе се однесуваат согласно сите демократски начела. Исто така апелираме да не се повикува на насилство и рушење на демократските процеси, бидејќи секое попречување право на сопствен избор е казниво со закон - велат од СПУКМ.
Студентите на УКИМ денеска за нов лидер избираат меѓу Давор Поповски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Стефан Василевски од Медицинскиот факултет.