X
 01.07.2016 Образование

Професорскиот пленум: Срамен ден за УКИМ

И Професорскиот пленум (ПП) најостро го осудува начинот на којшто вчера се одвиваа изборите за нов претседател на Студентскиот парламент при УКИМ (СПУКМ).



Членовите на Професорскиот пленум се шокирани од фактот дека гласањето не беше прекинато и покрај забележаните неправилности:

- непостоење на избирачки список, како основен инструмент за одвивање на гласањето;
- немање паравани за обезбедување тајност на гласањето;
- гласачки ливчиња без печат и без потпис;
- учество на лица, ниту вработени ниту студенти на УКИМ, во организирањето и во спроведувањето на изборите, како и вршење притисок од нивна страна;
- насилно одземање на гласачките кутии и нивно дислоцирање од местото на гласањето без претходно пребројување на гласачките ливчиња.

Членовите на Одборот за гласање ја злоупотребија својата положба и дозволија продолжување на гласањето со што реализираа незаконски избори. Ова е тежок срам за УКИМ и за Студентскиот парламент, а уште повеќе за оние кои ги подучиле и ги охрабриле да употребат вакви незаконски и насилнички методи во изборниот процес.

Професорскиот пленум најостро ги осудува директното вмешување во изборниот процес и бруталната тортура од страна на Специјалната единица за брзо распоредување при Министерството за внатрешни работи (ЕБР) врз претставниците на Студентскиот пленум кои искажуваа незадоволство од изборните неправилности. Со тоа МВР стана соучесник во криминалниот чин.

Бараме од Ректорот, Ректорската управа и Сенатот на УКИМ, односно раководните лица и тела на единиците при УКИМ да не ги признаат вчерашните криминални избори. Вчера беше нанесена катастрофална штета на угледот на УКИМ и на правата на студентите. Професорскиот пленум бара создавање услови за слободно изразување на волјата на студентите. Во спротивно, Професорскиот пленум ќе бара неотповиклива и итна оставка на членовите на Сенатот и на Ректорот и на сите одговорни лица кои без конкретна акција и реакција на вчерашните настани ќе ја продолжат оваа агонија -пишува во соопштението на ПП.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование