Студентскиот пленум ќе излезе на протест пред седиштето на СПУКМ вечерва во 19 часот и при тоа ги повикува сите граѓани, студенти и родители да им се придружат во знак на поддршка.
- Бараме Универзитетот веднаш да се произнесе, да го осуди ова насилство и да ги исклучи од органите и телата на УКИМ сите претставници на Студентскиот парламент. Ние ќе покренеме и дисциплински постапки притив сите студенти кои се евидентирани дека вршат насилство на матичните факултети. Воедно, бараме од Давор кој што се самопрогласува за победник, да ги поништи изборите и да не потпишува никаков документ, во спротивно ќе најдеме основ и ќе покренеме кривична одговорност - рече Ивана Туфегџиќ од Пленумот на денешната прес конференција.
Студентите отворено побараа одговори од МВР по вчерашната интервенција на ЕБР.
- Бараме од МВР веднаш да излезе и да ѝ соопшти на македонската јавност, кој беше правниот основ за интервенција на специјалната единица за избори на невладина организација и кој ја издаде наредбата. Бараме сите полициски службеници кои што се однесуваа грубо, нѐ пцуеја и навредуваа да бидат најдени од снимките кои ги поседува МВР и веднаш против нив да се покрене дисциплинска постапка, во спротивно ќе поднесуваме кривични пријави против министерот, командирот и секој оној кој ставил потпис на вчерашната полициска рација - рече Туфегџиќ.