Според официјалната листа на Државниот испитен центар, најдобри пет матуранти по македонски наставен јазик се Петра Преголовски од скопската гимназија “Раде Јовчевски Корчагин“, Емилија Танчева од СОУ Јосиф Јосифовски од Гевгелија, Анамарија Радојкова исто така од “Раде Јовчевски Корчагин“, и матурантите Елена Ајтова и Драган Трајчев од средното училиште „Јахја Кемал“. Најдобри пет матуранти по албански наставен јазик се Бесар Лимани од средното Вудроу Вилсон од Тетово, потоа Миранда Мемети од СМУГС „Др Панче Караѓозов“ од Скопје, Лејла Реџепи и Ерона Беџети од тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и Едлира Доци од скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“. Факултети мк. ги контактираше матурантите, веќе направивме интервјуа со неколкумина, а ова се приказните и на останатите.
Петра Преголовски- гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“: Има најдобри резултати, а сака да се занимава со форензика
Матурантката Петра Преголовски има најдбри резултати на државната матура на македонски наставен јазик. За овој голем успех на Петра вели дека најзаслужни се нејзините прекрасни професори без кои ништо немало да биде исто.
- Всушност професорката по македонски јазик и литература започна да не подготвува за државна матура уште од првиот ден кога стапнавме во Корчагин. Во текот на овие четири години континуирано учевме, така што не ни беше потребно многу подготвување пред да полагаме. Покрај консултативната настава која секојдневно ја одржуваа, професорите беа секогаш достапни и секогаш подготвени да ни помогнат.Омилени предмети за учење ми беа латински , германски и македонски - вели Петра.
Веста дека е најдобра на државната матура ја добила од нејзината драга професорка по латински јазик, на која пак ние и ја кажавме. Професорката Лидија Гелевска воскликна од радост кога и кажавме дека две ученички од Корчагин се меѓу најдобрите. Кога ги слушна имињата на Петра и Анамарија рече: „леле моите девојчиња“.
- Не можев да поверувам, не можев ни да си замислам дека токму јас ги имам најдобрите резултати. Бидејќи не сум во Скопје веста на моите најблиски им ја соопштив преку телефон. Мајка ми беше пресреќна и пред да успеам да кажам дека не сакам да ја споделува веста, таа веќе пренела на сите блиски роднини и пријатели. Искрено, не ми е важно тоа што имам најдобри резултати, најмногу се израдував за високиот перцентилен ранг. Со тоа ќе можам да се запишам на факултетот што го сакам со оглед на тоа што не полагав соодветни предмети за тој факултет, но не би открила се уште - вели Петра.
Таа има најубави зборови за училиштето Корчагин.
- Во текот на овие четири години Корчагин ми стана втор дом. Заедно со сите пријатели стекнати во Корчагин станавме една огромна сложна фамилија. Ќе ги памтам сите остварени познанства и времето поминато со нив. Секако, ќе ги памтам и сите професори кои секогаш беа подготвени да ни излезат во пресрет, кои за нас се грижеа како за нивни деца, кои секогаш го посакуваа најдоброто за нас и секојдневно се трудеа и успеаа да не изнесат на вистинскиот пат. Инаку, најмногу од сè сакам форензика и се надевам дека понатаму во животот ќе имам можност да изучувам и да се занимавам со форензика - вели Петра.
Елена Ајтова - „ПСУ Јахја Кемал“: Ќе студирам во Амстердам
Резултатот што велешанката Елена Ајтова го постигнала при полагањето на државната матура е плод на континуирано, секојдневно учење во текот на сите години од средното образование.
- Со оглед дека моите школски обврски (следење настава на часови) се одвиваа во периодот од 08.00 до 15.00 часот секој ден, тоа ми овозможуваше да можам континуирано да го повторувам градивото што го изучувавме во тековниот ден и да бидам постојано спремна на часови. Со таквиот начин на учење на градивото јас всушност и немав потреба да вложам голем труд при самата подготовка за матурскиот испит, односно ми беа доволни 7 до 10 дена за секој предмет поединечно. Би сакала да се заблагодарам и на моите професори од ПСУ Јахја Кемал Колеџ од Скопје кои со своето несебично пренесување на знаењето како и одличните педагошки пристапи кон наставата во голема мерка ми помогнаа да го постигнам одличниот резултат на матурскиот испит - вели Елена.
Иако очекувала одлични оценки од полагањето на предметите, сепак била малку изненадена од резултатите од матурскиот испит.
- Просекот на оценувањето на предметите што ги полагав е 99,39 % што е навистина врвен резултат кој ми дава огромен поттик да продолжам со иста посветеност кон науката во понатамошното мое образование. Со оглед дека мојот татко ја зема дипломата од училиштето, тој беше првиот кој ги виде резултатите и најпрво ги сподели со мојата мајка. Потоа ми се јавија и со „видлива“ среќа во гласот ја споделија радоста со мене. Навистина беа пресреќни и мошне горди на моето постигнување. Се надевам дека институциите во Р. Македонија ќе знаат да го вреднуваат ова мое постигнување и дека ќе ми помогнат со доделување на стипендија полесно да го пребродам финансискиот аспект на моето студирање - вели таа.
Елена аплицирала на повеќе универзитети во Соединетите Американски Држави и Европа и нејзините апликации за студирање биле прифатени од најголемиот дел од нив.
- Три од универзитетите во САД беа високо рангирани на Шангајската листа во првите 60 места од истата. Сепак мојот конечен избор за студирање е Амстердам во Холандија, односно планирам понатамошното образование да го продолжам на University of Amsterdam (UvA). Овој универзитет ми овозможува да студирам 4 смера во еден, односно истовремено да студирам Економија, Политички науки, Право и Филозофија. Тоа се токму оние 4 насоки помеѓу кои не би можела да се одлучам доколку требаше да одберам еден од нив - вели Елена.
Средното образование ќе и остане како најубав спомен.
- Тука би ги набројала прекрасните моменти поминати со моите професори и соученици од ПСУ Јахја Кемал Колеџ од Скопје, деновите поминати во женскиот интернат со моите цимерки со кои што заедно си помагавме во процесот на учење и заедничкиот живот. Секако дека тука би ги спомнала и излегувањата низ Скопје, седењето на кафе и пијалок во центарот и во трговските центри низ градот. Тоа е еден дел од мојот живот каде што растев и се осамостојував, спремајки се за понатамошните чекори што ме очекуваат во иднина, дел од животот каде се развивав во личност која го сака ова парче земја каде што живеам, Република Македонија. Кога би можела да променам нешто во образованието во Р. Македонија, тогаш тоа би било екстерното тестирање. Секогаш кога ќе се вратев во Велес, во градот каде што живеам, при дружењето со моите другарки и другари, при раскажувањето на случките од изминатиот период, често споменувана тема беше екстерното тестирање. Секогаш јас бев таа на која и е полесно, со оглед дека како ученик во приватно средно школо не морав да имам екстерно тестирање, а тие беа оние кои и покрај постојаните испрашувања и тестови во текот на школската година сепак на крајот мораа да имаат екстерно тестирање. Сметам дека постојат други начини преку кои би се проверувала оправданоста на оценката по било кој предмет, без дополнително да се оптоваруваат учениците со тестирање. Мое размислување е дека квалитетот на знаењето на учениците како и квалитетот на пренесувањето на знаењето и одржувањето на наставата на наставниците би можело да се контролира преку почесто присуство на т.н. надзорни органи (професори со подолго искуство) при изведување на наставните часови во школите. Тие надзорни органи објективно би го оценувале секој професор, би му укажале на евентуалните грешки се со цел да се подигне квалитетот на образованието во Р. Македонија. Крајниот резултат би бил поквалитетна настава, подобро знаење и непостоење на притисок кон учениците поради екстерно тестирање - вели Елена.
Таа исто така има афинитет кон пишување на поезија и има напишано повеќе од стотина песни. Кон крајот на второто одделение издала и збирка на песни со наслов „Слободни птици“.
Драган Трајчев- „ПСУ Јахја Кемал“: Успешен на меѓународни натпревари по математика и физика
- Секако дека се подготвував интензивно непосредно пред матурата, но со сигурност тврдам дека таквата подготовка е само мал процент од целокупната позадина на спремање. Сметам дека континуираното учење во текот на овие четири години од средното образование е она што го направи овој резултат да биде онаков како што е, бидејќи таквата подлога ми овозможи на самите денови пред матурата брзо и лесно да го повторам материјалот. Меѓу најомилените предмети ми се математиката и физиката бидејќи покрај теоретското познавање потребна е и голема умешност и креативност и бидејќи решавањето на проблемите од таков карактер индиректно а и директно можат да се поврзат со решавањето на проблемите од секојдневието. - вели Драган Трајчев, матурант од „Јахја Кемал“ кој е меѓу првите пет матуранти со најдобри резултати на државната матура.
Иако очекувал сите оценки да му бидат петки, сепак не мислел дека ќе биде во највисокиот перцентил.
- Успехот сам по себе го препишувам и на најблиските бидејќи и тие беа присутни во 4-годишната битка, и на крајот кога им ги соопштив резултатите, секако дека се израдуваа. Планирам да студирам во Англија, поточно во Универзитетот Манчестер и тоа Математика и Статистика. Факултетот го избрав врз база на долго проучување и пребарување на интернет, поради неговата висока репутација, високо рангирање, а и поради фактот дека таму има и студенти од Македонија кои се задоволни од истиот. Очекувам да се спознаам со законите и примената на Математиката и Статистиката, очекувам да бидам успешен во она што го учам, да стекнам нови пријатели и познанства, а пред се, очекувам да бидам среќен и исполнет онака како што бев изминативе 4 години - вели Драган.
Средното образование ќе го памти по убавата дружба со пријателите и по многукратното учество на натпреварите по математика и физика.
- Доколку би можел нешто да променам, тоа би бил механичкиот пристап кон сето она што го учиме. Имено, многумина учат колку да научат и да запаметат информации доволно долго до тестот, испитот или испрашувањето. Но дури и тоа да е така, сметам дека поефективното учење, односно учењето со разбирање, е полесна опција за сите бидејќи инфорамциите сами по себе се редат во логичка низа, и податоците кои треба навистина да ги запаметиме се минимални - вели тој.
Драган инаку е многу успешен математичар и постојано оди на интернационални натпревари. Обожава да гледа и хорор филмови.
- Обожавам и да патувам и да шетам по светот и тоа го правам. Пред 2 дена на пример, се вратив од 57 Светска Математичка Олимпијада која се оддржа во Хонг Конг, а лани и полани бев на Светската Олимпијада по Физика – Индија и Олимпијата за научни проекти во Индонезија. Доколку прашате некој мој другар/ка ќе ви кажат дека многу се смеам. Навистина, имам тенденција на се во животот да му пристапам со интересен, помалку сериозен или тотално хумористичен поглед, што во некои ситуации и ме чини по неколку прекори. Сепак, смеата секогаш е и ќе остане мој најверен пријател - вели Драган.
Лејла Реџепи - гимназија „Кирил Пејчиновиќ“, Тетово: Ќе студирам на Машинскиот факултет на УКИМ
Матурантката Лејла Реџепи е меѓу петте матуранти со најдобар успех на државната матура по албански наставен јазик. Таа заврши во тетовската гимназија „Кирил Пејќиновиќ“, а за успехот на матурата вели дека е благодарение на континуираното учење во текот на целото образование, но и сериозните подговки и пред самите испити.
- Особено учев моматематика и албански јазик неколку денови се подготвувавме заедно со нашите професори кои ни одржаа дополнителни часови. Сите предмети на училиште сум ги сакала, некои повеќе, некои помалку, но едноставно сум била заинтересирана во сите области и секогаш сум сакала да научам нешто ново. Сепак најмилен предмет ми е физиката и според мене таа е една од најважните науки на која треба да и се посветиме повеќе, бидејќи е фундаментална за изучување на другите науки, природата, секојдневниот живот - вели Лејла.
Таа многу се изнади кога и кажавме дека е меѓу петте најдобри матуранти.
- Секако дека и моите најблиски се изненадија и беа многу среќни, бидејќи знаеја колку се подготвував и потрудив. Сите ме пофалија и се горди на мене. Инаку, образованието ќе го продолжам на Машинскиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, ќе студирам Индустриски дизајн.
Мислам дека оваа насока е најдобра, спој на моите интереси: науката, дизајнот и технологијата. Треба научно да се истражува за да се дојде до нови производи, да се биде во тек со најновата технологија и со сите иновации, а истовремено да се покаже и сопствената креативност, за да се придонесе нешто ново и корисно за општеството. Откако ќе го завршам овој факултет, би сакала да започнам и некој друг факултет можеби нешто како архитектура или компјутерско инженерство, времето ќе покаже што ќе ми лежи повеќе. Се надевам дека и на факултет ќе постигнам одлични успеси и од факултетот очекувам да ме подготви на најдобар можен начин за тоа што сакам да станам и да го добијам потребното знаење за да го постигнам моите цели - вели Лејла.
Средното образование и останува во најубави сеќавања, а вели дека би вовела многу промени за подобро македонско образование.
- Мислам дека во нашето образование, за жал има многу што да се промени. Како најважни би ги споменала само некои како на пример: бројот на предмети, имаме многу предмети кои се несоодветни со програмите кои ги учиме , треба да се организира подобро која насока какви предмети да има; да има практична настава по речиси секој предмет; треба да има подобри механизми на оценување на знаењето на учениците, да се тестираат професорите за знаењата околу предметот, но исто така и за професионалниот карактер пред да бидат примени како предавачи - вели Лејла.
За дваесеттина години таа себе си се гледа како успешна во својата кариера и со семејство.
- Планирам да завршам и докторски некаде надвор од Македонија. Се надевам дека ќе поседувам сопствено студио за дизајн и свој тим со кој ќе имаме успешни партнери во Македонија и од странство особено од автомобилската индустрија.
Ерона Беџети- гимназија Кирил Пејчиновиќ, Тетово: Најголемо благодарам на моето семејство
Тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ може да се пофали со уште еден матурант кој е меѓу најдобрите на матурските тестови. матурантката Ерона Беџети исто така учела во текот на целото образование и на тоа се должи овој успех. Омилени предмети и се странските јазици.
- Да бидам искрена не сум ни размислувала дека можам да ги постигнам овие резултати на матурата и тоа на ниво на држава. Затоа и бев малку изненадена, за разлика од моите родители кои никогаш не се сомневаа во мене и ги очекуваа вестите со радост и гордост. Што се однесува до понатамошното образование, веќе аплицирав и примена сум како прва на Архитектонски факултет во Приштина. Се одлучив да студирам таму иако добив целосна стипендија и на Интернационалниот Балкански Универзитет во Скопје. Се надевам дека ќе продолжам со успеси и понатаму - вели Ерона.
Во иднита очекува да стане успешен архитект и нејзините идеи да ги применува тука во Македонија, но и во светот.
- Како и сите млади на оваа возраст и јас се интересирам за музика, филмови, физичка активност и дружење. Едно големо благодарам за моето семејство кое е секогаш до мене и ме подржуваат - вели Ерона.