Кога во животот на една мајка навлегува тинејџерскиот период кај нејзиното дете, тогаш нормално е таа да добива прашања за кои најчесто нема подготвени одговори, ниту пак помислила дека ќе треба да даде одговор токму на такво прашање.
Токму и јас бев затечена кога мојата ќерка тинејџерка ме праша дали може да проба Нескафе со вкус на Милка чоколадо, прашање на кое јас ѝ дадов потврден одговор.
Не можам да кажам дека бев особено несреќна или пак среќна што детето ми порасна до висината на полиците на кои се нудат 100 видови кафе туку едноставно ме преплави еден бран на прашања и дилеми кои на овој или оној начин, ќе се обидам да ги објаснам.
Зошто на тинејџерите воопшто им се пие кафе?
Логично е дека кафето не е вода, и дека тинејџерскиот организам не го бара според силата и законите на природата. И секако, севкупното искуство кое децата го доживуваат со нас старите е главниот виновник за тоа.
Ако мама или некој друг од дома пие кафе, голема е веројатноста дека и детето ќе посака и ќе побара во еден момент.
Веројатно сите сме го искусиле моментот кога во малечка чаша нашите баби и постари госпоѓи им ставаа на децата малку турско црно кафе бидејќи од многу ќе „им порасне опашка“.
Нашите деца кои се деца на модерното доба, не можат баш да уживаат во турското кафе бидејќи тоа е заменето со голем број комбинации кои повеќе имаат врска со математика, отколку кафе: 2 во 1, 3 во 1 и останати алгоритми.
Малите слатки шолји со цветчиња се заменети со огромни шолји во кои после кафето може да се јаде супа или нешто друго чорбесто.
И нормално, кога родителите пијат дома, а децата тоа го гледаат, за очекување е и самите да сакаат да пробаат.
А што со децата чии родители не пијат кафе? Зошто тие сакаат да пробаат?
Како на пример моето дете. Бидејќи мојот сопруг многу ретко дома пие кафе, можам да заклучам дека врз моето дете најмногу влијаеше маркетингот. Магичните реклами од телевизија, преубавите пакувања, аромата која се меша со кафето, симпатичните шолји за кафе, навистина се привлечни.
Исто така, голем мотиватор за стекнување на навиката за пиење кафе е друштвото особено во лудите тинејџерски години.
Некогаш, кога тинејџерките поминуваа повеќе време гледајќи се во очи бидејќи немаше мобилни телефони, кафето најмногу се пиеше за гледање во шолјата. Смешно, но вистинито.
Колку кафето е штетно за тинејџерите?
Сите медицински експерти се согласуваат дека кофеинот кој се наоѓа во кафето е стимуланс. Не е дрога бидејќи не е токсичен, но предизвикува зависност. Ова кај возрасните и не е толку страшно, меѓутоа кога станува збор за детски организам, работите се малку поинакви. Кофеинот кај децата може да предизвика проблеми со стомакот, несоница, забрзано работење на срцето, мачнина, главоболка и со самото тоа и проблеми во развивањето на организмот воопшто - доколку се внесува во детскиот организам редовно, една или повеќе шолји дневно.
Сето она што не е навика, што е чисто експериментирање и забава, може да биде безопасно и без последици.
Не е само кафето она со кое се труе организмот кај децата
Газираните сокови (посебно обоените) се полни со кофеин. Истото важи и за енергетските пијалоци, капучиното, лековите против настинка и некои видови на чај (особено црниот чај).
Што родителите да направат за да ги спречат децата да пијат кафе?
И самите да ја намалат дозата на кафе која ја пијат.
Да разговараат со своите деца и да им ги објаснат сите лоши дејства на кофеинот.
Да му објаснат дека иако никој не умрел од две шолји дневно, тоа не значи дека ова е безбедна доза за еден тинејџер.
Извор: Maмино благо