Посетителите на веб-страниците на Музејот на град Скопје и на Град Скопје ќе можат интерактивно да ги одбираат и разгледуваат содржините по сопствен избор во текот на целата година
Виртуелна изложба за скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година вечерва, во 20 часот ќе биде отворена во Музејот на град Скопје. Всушност, ќе бидат изложени виртуелни изложбени тури со приод од 360 степени до четири класични изложби реализирани во изминатите десет години. Посетителите на веб-страниците на Музејот на град Скопје и на Град Скопје ќе можат интерактивно да ги одбираат и разгледуваат содржините по сопствен избор во текот на целата година. Кустосите направиле избор од четири изложби во продукција на Музејот на град Скопје: „Граѓаните на светот за граѓаните на Скопје“ (2006), „Скршениот град“ (2009), „Скопје ’63 - одбележување на 50 години од земјотресот“ (2013), и „Скопје ’63 - Филмска хроника на едно време“ (2014).
- Скопје и неговите жители одбележуваат 53 години од трагичниот скопски земјотрес кој го разори Скопје, однесе многу животи и остави лузни, пустош и тага зад себе. Откако веста за катастрофата го обиколи светот, меѓународната заедница, сите земји во светот ја почнаа акцијата за помош. Но, и по сета таа катастрофа, човечките вредности, хуманоста, солидарноста, меѓуетничкиот соживот дадоа импулс за интензивирана градителска посветеност и помош за развој. Тие беа на највисоко ниво, во размери невидени дотогаш во историјата. Скопје стана град на интернационалната солидарност - велат од Музејот.
Поставка наменета за младите
Нем споменик на тоа време е Музејот на град Скопје, чиј часовник го покажува времето кога се слушил земјотресот.
- Секоја година се навраќаме и се сеќаваме на тој настан, прикажувајќи пред јавноста одделни теми кои откриваат детали од Скопје пред земјотресот, за време на земјотресот и по катастрофата. Во изминатите години создадовме импресивна збирка на предмети, фотографии, филмски записи, архивски документи кои беа прикажувани на годишните времени изложби организирани секој 26. јули - велат од Музејот.
Кустосите сметаат дека резентирањето на меморијата за настаните врзани со Скопскиот земјотрес треба да биде што подостапна за млади луѓе родени по земјотресот, а поради тоа и самите имаат недостаток од сопствена меморија врзана за катастрофата. Затоа решиле да конципираат поинаков изложбен модел од досегашниот.
- Новиот концепт се базира на дигиталните технологии кои се разбирливиот јазик на младите генерации. Годинава почнуваме со дигитално-виртуелно претставување на конвенционалните изложбени концепти, па ќе им понудиме на граѓаните многу поголем број на информации. Виртуелниот концепт на претставување на музејскиот материјал ќе биде постојано надополнуван. Така ќе се создаде база на „Виртуелен музеј на 26. јули“ и сите информации и предмети кои Музејот на град Скопје ги собираше изминативе години ќе бидат достапни за граѓаните на светот еднакво како и за граѓаните на Македонија, презентирани на неколку светски јазици - велат од Музејот.
Обединети четири изложби
Во првата виртуела поставка се обединети четири изложби:
Изложба 1: „Граѓаните на светот за граѓаните на Скопје“. Скопје е град на солидарноста. По земјотресот на 26 јули во 1963 година, хуманоста и желбата да се помогне се слеа од различни локации од целиот свет, и од тогашната татковина СФР Југославија. Од правта на земјотресот во еден кус период се подигнаа нови населби и објекти од јавен карактер, со несебична помош на народи и влади на држави од сите меридијани на светот. Се вратиоптимизмот и надежта на овој град, а собраниот и обединет свет, со неизмернаверба и љубов, помогна во градењето на новото Скопје, кое стана симбол на човековата пожртвуваност, хуманост и солидарност.
Изложба 2: „Скршениот град“. Преку стари разгледници отсликано е Скопје пред 1963година, за време на катасрофалниот земјотрес и непосредно по него, како и дел од објектите од обновеното Скопје. Претставени се последиците на катастрофата врз секојдневното живеење и граѓаните и врз архитеконскиот амбиент.
Изложба 3: „Скопје ’63 –Филмска хроника на едно време“. Изложбата е подготвена по повод одбележувањето на 26 јули – денот на скопскиот катастрофален земјотрес од 1963 година, и 50-годишнината од премиерната изведба на документарниот филм „Скопје ’63“ во режија на Вељко Булајиќ. Филмот постигнал светска слава. Го нашол своето место на најреномираните филмски фестивали во 60-те години на минатиот век, а на неколку од нив добил престижни награди.
Изложба 4: „Скопје ’63 - одбележување на 50 години од земјотресот“. Изложбата низ предмети и фотографии ни пренесува информации за земјотресот низ повеќе сегменти, почнувајќи од првите мигови по катастрофата, се до изградбата напрвите монтажни населби во кои пред почетокот на зимата, беа сместени бездомните скопјани, се до почетокот на 1964 година.