X
 02.08.2016 Технологија

Како до најсигурна лозинка за вашиот профил?

Изборот на добра лозинка не е случајна работа. За почеток важно е да знаете дека ова не е ни малку лесна задача и совршената лозинка не постои. Она што можеме да го направиме е максимално да им отежнеме на хакерите кои имаат намера да направат нешто со нашите профили.

 

pass


Секако, колку труд ќе вложите за создавање на лозинката произлегува од тоа за која цел ќе ја користите. Тука можете да проверите колку ви е сигурна лозинката.

Без разлика дали станува збор за интернет банкарство, сигурно дека ќе искористите најдобар можен начин за заштита на вашиот профил. Тоа доведува до нов проблем - дали единствената цел е да се создаде подолга лозинка? Одговорот не е секогаш позитивен, затоа што веројатно најлошата лозинка е онаа која сте ја заборавиле.

Ова може да се поправи со користење на програма за чување на лозинките на вашиот компјутер, но ова е залудно кога немате пристап до компјутерот. Пред да започнете со создавање на лозинките, прво треба да знаете нешто повеќе за нивно пробивање. На пример, кога имате доста силна лозинка која е тешко да се пробие. Тогаш треба да внимавате на таканаречениот социјален инженеринг кој се користи кога личноста која сака да ви ги украде податоците ќе дознае некоја информација за вас, а наједноставен начин за тоа се меил пораките кои од вас бараат да кажете некои лични податоци.

Денес сите кои имаат некакво искуство со работење на компјутер и основна информатичка писменост веројатно нема да наседнат на вакви трикови, но треба да се биде внимателен бидејќи тие повеќе пати знаат да изгледаат доста уверливо. Овде е важно да запомните дека никогаш, никој професионалец нема да ви бара да му ја дадете вашата лозинка за тој нешто да направи/промени на вашиот компјутер.

Да започнеме со добрите лозинки. При купување на некој уред, често добивате фабрички генерирана лозинка за која ви се советува да ја промените колку што можете поскоро. Секако, овој совет треба да го послушате. Најлошите можни лозинки за користење се: 123456, qwertz, love, god, money, password...

Следната категорија се личните податоци како вашето име, презиме, датумот на раѓање и други поврзани податоци. Овие лозинки најчесто се користат поради тоа што е лесно да се запомнат, но постои голема веројатност хакерот да ја погоди. Во оваа категорија може да се сместат и омилените бендови, филмови, изведувачи, ликови и слично.

Следната категорија која не е многу сигурна е лозинката која ја создаваме сами како на пример дуплите зборови како имепрезимеимепрезиме. „Надградба“ на оваа категорија е употребата на големи и мали букви со оглед на тоа што се разликуваат. На овој начин ќе го зголемите бројот на комбинации што е воедно и целта на создавање на добра лозинка. Може да се додадат бројки и на крајот и на почетокот на зборот за посилна лозинка. Но, тука започнува да се појавува проблемот со помнењето на лозинката бидејќи колку повеќе ги комплицираме работите, толку е поголема веројатноста да ја заборавиме лозинката. Ако ја користиме лозинката само од дома, не е проблем да се запише на некое место, меѓутоа ако ја користиме на повеќе места, тогаш ризикуваме да ја заборавиме.

Важно е да знаете дека не постои најдобра лозинка и не постои лозинка која не може да биде пробиена - постои лозинка која полесно се пробива и потешко се пробива. Кога и да се пријавите за некоја услуга каде треба да изберете лозинка, често пати сервисот ве предупредува за тоа колку силна лозинка избирате како и тоа дека треба да обрнете внимание на заштитата на вашите податоци. Денес голем број вакви сервиси имаат можност за оценка на лозинката, па добро би било да изберете некоја комплицирана. Се советува и често да ги менувате лозинките, што е секако пожелно доколку се сомневате на некои невообичаени активности на вашите профили.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија