X
 17.08.2016 Живот

Абецеда на Олимписките игри: интересни факти, прв дел

olimpijada 

 

Олимписките игри се културолошка придобивка од огромна социјална важност. Олимпизмот е филозофија на живеење насочена кон воздигнување на една хармонизирана целина од ум, тело и дух. Спортот како медиум преку кој се промовира олимпизмот се стреми кон изградба на свет без предрасуди и дискриминација од секаков вид.


Во продолжение можете да прочитате за необични случувања, несоборливи рекорди, бројни достигнувања во период од 120 години од одржувањето на првите модерни Олимписки игри.

Авганистан

- Во Атланта (1996), Авганистан учествуваше со двајца претставници, од кои едниот беше боксер, кој задоцнал на официјалното мерење и беше дисквалификуван.

- Меѓународниот олимписки комитет ја суспендираше државата Авганистан во 1999 г., поради што им беше забрането учество на Олимписките игри во Сиднеј, 2000 г. Причината за исклучувањето беше дискриминацијата врз жените согласно талибанскиот закон кој им забранувал да се натпреваруваат. Во 2002 г. оваа забрана е укината по падот на талибанската власт. На ЛОИ 2004 во Атина, Авганистан учествуваше со пет претставници, од кои две беа жени.  

- Прв олимписки медал за трето место, Авганистан освои во Пекинг 2008 г., во теквондо.

Алжир

- Првиот официјален олимписки медал како независна држава, Алжир го доби на Олимпијадата во Барселона 1992 г. во трка на 1500 метри. Дотогаш, наградените алжирски маратонци од 1928 и 1956 г., настапуваа под француско знаме, заради статусот на колонија што го имаше Алжир.

Антигва и Барбуда


- За првпат се споменува на Олимписките игри во Рим 1960 г., во рамки на Западната Индиска Федерација.

Австралија

 

1

 

- Во Лондон 1908 г. и Стокхолм 1912 г., Австралија и Нов Зеланд настапија заедно под името Австралазија (ANZ).


- Олимпискиот оган во Сиднеј 2000 г. го запали Абориџинката Кети Фримен, австралиска натпреварувачка во трчање.

Австрија

- Ото Хершман е единствениот претседател на национален олимписки комитет кој успеал да освои медал на Олимписки игри. Умрел во 1942 г. во нацистички концентрационен логор во Полска.

 

2


Брунеи       

- На Олимписките игри во Сеул 1988 г., Брунеи испратиле официјално лице, но не и натпреварувачи.

Кина


- Четири тенисерки од Кина за првпат се пријавиле за учество на Олимписките игри во Париз  1924 г., но подоцна се откажале од настап. Сепак, тоа ѝ се смета на Кина како прв настап на ЛОИ. Спортисти од Кина се редовни учесници на Игрите од 1984 г.

Куба

- Бејзбол тимот на Куба е носител на првиот златен медал во бејзбол на Игрите во Барселона 1992 г., каде за првпат се воведе натпреварување во овој спорт.

 

4


Кипар


- Првиот модерен олимпиец од Кипар е од времето кога островот бил британска колонија. Анастасиас Андреу се натпреварувал на Игрите во Атина 1896 г. во трка на 110 метри со пречки.

Данска

- Лис Хартел е првата жена која успеала да освои олимписки медал во натпревар во коњички спорт.

- Данецот Пол Ерик Хојер е единствениот неазиски играч на бадминтон кој победил на Олимписки игри (во Атланта 1996 г.)

Египет

- Египет ги бојкотираше Олимписките игри во Мелбурн 1956 г., поради вклученоста на Британците и Французите во Суецката криза.    

- На Игрите во 1960 г., тим од Сиријци и Египјани настапија под името Обединета Арапска Република. Под истото име, но без учесници Сиријци, настапија и на Игрите во Токио 1964 г. и Мексико 1968 г.

- Во  Монтреал 1976 г., египетските спортисти се натпреваруваа во првите три дена, а потоа се повлекоа во знак на поддршка на бојкотот од страна на поголемиот број афрички земји.

Екваторијална Гвинеја

- На Игрите во Сиднеј 2000 г., пливачот Ерик Мусамбани во натпревар на 100 метри слободен стил, исплива за време од 112,72 секунди што е повеќе од двојно во однос на победникот Питер ван дер Хогенбанд.

Естонија

- Во 1980 г., Олимписката регата се одржа во Талин, додека домаќин на Игрите беше Москва.

Етиопија

- Во Рим 1960 г., маратонецот Абебе Бикила трчаше бос и стана првиот црн Африканец со златен олимписки медал.

- Еритреја беше дел од Етиопија сè до нејзиното осамостојување на 25 мај 1993 г.

 

7


Финска

- На церемонијата на отворањето во Лондон 1908 г., финскиот тим одбил да учествува, кога им било речено дека мора да маршираат под руското знаме.

Франција


- Се верува дека на модерните Олимписки игри во Париз 1900 г. првпат учествувале и жени, а за прва наградена олимпијка се смета Елен де Пуртел во натпревар во едрење.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот