Верувале или не, Јапонците го претвораат обичното улично собирање на ѓубрето во спорт и спортски натпревар.
Спортот што го измислиле Јапонците се нарекува „SpoGomi“, што на јапонски е комбинација од зборовите „спорт“ и „ѓубре“. Тоа претставува натпреварување во кое тимови од 3 до 5 луѓе се обидуваат да соберат најмногу отпад со највисок квалитет во даден временски период.
Јапонија неодамна најави и дека ќе биде домаќин на првото светско првенство во собирање отпад во ноември годинава. Секој тим од тројца играчи ќе има 60 минути да собере најмногу ѓубре од одредена област додека се обидува правилно да го сортира во кеси со кодирани бои за секој тип отпад. Кога ќе истече времето, ѓубрето ќе биде измерено и проверено, а тимот со најмногу правилно собран отпад ќе победи.
Јапонците се познати по тоа што чистат по себе каде и да одат. Јапонските навивачи го шокираа светот со нивниот ритуал за чистење на трибините по натпреварите на Светското првенство во фудбал во Катар.
Во Јапонија натпревари за собирање отпад се одржуваат од 2008 година. Победничките тимови обично добиваат сертификат или трофеј од организаторот, а можеби и мала награда од спонзорот.
Но, натпреварувачите не се мотивирани од наградите. Учесниците едноставно уживаат во натпреварувачката природа на спортот, работат како тим, поминуваат драгоцено време на отворено и, на крај, но секако не и најмалку важно, ги одржуваат своите градови чисти.
Извор:
Ekapija
Насловна фотографија: Pixabay