X
 25.08.2021 Наша тема

Пулексенија Јованоска: Моето име ќе остане запишано меѓу 10. најдобри каратистки во светот

Од мои 16 години сум дел од сениорската репрезентација и сум обезбедила настап буквално на сите светски, европски, медитерански и балкански натпреварувања. Секогаш сум била со високи резултати. Од моја најрана возраст бев шампион во мојата категорија, кадет, јуниор, млади сениори и секако сениори. Тоа ми даваше за право да верувам во невозможното, и така дојде и Токио. Знам дека наградите за жртвата во спортот стигнуваат бавно, но стигнуваат.

Пулексенија Јованоска, олимписка стипендистка на Македонскиот олимписки комитет (МОК), членка на Карате-федерацијата на Македонија, врвна каратистка и спортистка, ги претстави боите на Македонија во свое најдобро светло во Токио. Всушност, таа е и првата македонска каратистка што некогаш се натпреварувала на Олимписки игри. 

- Токио 2020, од мој агол, беше спектакл! Најголемиот и најубавиот спортски настан, беше моќно, беше различно од секој натпревар досега. Имаше посебна енергија, мојот спорт, каратето, првпат имаше можност да биде дел од Олимписките игри. Јас бев првиот и единствен претставник од Македонија во карате. Тоа, за мене, беше голема чест и одговорност. И секако - создаде позитивен притисок и силен адреналин - ни изјавува Пулексенија. 

Привилегија е да се биде дел од ОИ

Најсилен впечаток на Пулексенија ѝ оставиле емоциите што ги гледала при победа и пораз. 

- Импресивно беше да го гледам кај другите спортисти сето она што го чувствував и јас. Славењето на победата, колку искрено може да се радува човекот, колку може да се надмине себеси, колку лични рекорди во исто време, колку солзи. Подготовката за ОИ трае четири години (во случајов пет) и сите тие години да ги покажеш во неколку минути, секунди е неверојатно! Импресионирана бев од ритмичката гимнастика, спортското качување. Навистина е привилегија да се биде дел од ОИ, најдобрите во светот, спортската елита. Чувството е преубаво, ми беше огромно задоволство што бев таму. Бидејќи таму нема неподготвени, нема спортист што не дал жртва или силен влог за да биде дел од таа приказна. Секој олимпиец е заслужено таму и тоа е за почит - вели таа. 


Презадоволна сум од себе!

Таа се врати од Токио побогата со нови пријателства, искуства, доживувања, достигнувања. 

- Дружењето со олимпијците дефинитивно ќе ми остане како еден од најубавите спомени. Во врска со резултатот, често зборувам деновиве, си правам анализа, размислував на таа тема и сè сумирано презадоволна сум! Најбитно е што јас сум задоволна од сè што покажав на татамите, изборив најдобри бодови на светско ниво откако знам за себе. Го победив притисокот, изборив исти бодови со преостанатите, рамо до рамо се борев со светските гиганти, држави кои се светска сила во спортот. Мојата дисциплина е тешка за достигнување висок резултат поради политиката во судењето. Единствениот и краен збор го имаат судиите. 

- Резултатот 24.00 и моето 9. место, во споредба со резултатот од 8. и 7. место апсолутно го делеа минимални разлики, а сепак тоа е една Германија, Франција... Докажав дека местото ми беше таму, докажав дека можам да се спротивставам и да се носам со големите сили, а знаеме колку тие земји вложуваат во спортистите, во споредба со кај нас. На крај, сакам да сум благодарна за сè. Со оглед на тоа што каратето повеќе нема да биде дел од олимпиското семејство, среќна сум и горда што моето име остана запишано во 10. најдобри каратистки во светот - категорична е Пулексенија. 

На татамите од 16 години

Како нејзини најсилни одлики ги издвојува упорноста и истрајноста. Вели дека нејзините успеси се должат на овие две особини. 

 

- Преку нив научив да бидам трпелива во процесот на напредок и темпирање форма, да бидам упорна поради храброста да останам толку години дел од овој спорт, а успесите да ме задржат на врвот. Добив покана за учество од светскиот олимписки комитет, тоа не е случајно. Тоа се должи на долгиот стаж и континуираните резултати сите овие години. 


- Од мои 16 години сум дел од сениорската репрезентација и сум обезбедила настап буквално на сите светски, европски, медитерански и балкански натпреварувања. Секогаш сум била со високи резултати. Од моја најрана возраст бев шампион во мојата категорија, кадет, јуниор, млади сениори и секако сениори. Тоа ми даваше за право да верувам во невозможното, и така дојде и Токио. Знам дека наградите за жртвата во спортот стигнуваат бавно, но стигнуваат - зборува Пулексенија. 

Сите титули ми се освоени, но секогаш постои нов предизвик

Секој спорт бара максимална посветеност доколку сакаме да постигнуваме високи резултати. Јас одлучив животниот пат да го посветам на спортот, вели таа. 


- Се откажав од многу работи, навистина посветив многу години на спортот, веќе 20 години сум дел од тој начин на живот. Не беше лесно, но вредеше. Да можам да го вратам времето, сè би направила исто. Сонот го остварив, сега за почеток ќе земам заслужен одмор. Да можам да се договорам со себе што е тоа што ќе ми биде следен предизвик. Која е следната цел за остварување. Во принцип сум човек што носи бавни одлуки, но мислам дека секогаш се правилни. Сега си го поставувам прашањето што е тоа што ќе ме прави среќна, кога титулите се освоени? Круната во мојата кариера беше Олимпијадата. Сакам предизвици, следниот чекор мора да биде посилен предизвик од Олимпијадата, а тоа е тешко. Но, постои - завршува олимпијката Јованоска. 

фото: Приватна архива

Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема