Пријавувањето студенти во прва година на прв циклус студии на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ - Битола во првиот уписен рок е завршено заклучно со денешниот ден. Во изминатите три дена, почнувајќи од 15 август, на 11 високообразовни институции на УКЛО пријавени се 1090 кандидати.
- Со понудата од 50-на студиски програми на додипломски студии и можноста да запише нови 3543 бруцоши, УКЛО на матурантите им нуди широки можности за избор. По завршување на пријавувањето во првиот уписен рок следува објава на прелиминарна ранг листа на 22 август 2016 и решенија за прием на кандидатите, на 24 август 2016 - велат од Битолскиот универзитет.
Запишувањето на примените студенти од првиот уписен рок ќе се реализира на 25 и 26 август 2016 година. По завршувањето на уписите, УКЛО ќе ги објави слободните места на секоја единица за вториот уписен рок што ќе се реализира на 1 и 2 септември на којшто право за упис имаат и кандидати со училишна матура и завршен испит
Според Конкурсот за упис на нови студенти на додипломски студии, во академската 2016/2017 година на Универзитетот „Св.Климент Охридски” - Битола има вкупно 3543 места: 2040 во државна квота, 790 со кофинансирање и 713 за вонредни студии.
Износот за партиципација е 200 евра во државна квота, 100 евра за дисперзираните студии и од 100 до 400 евра за кофинансирање и за вонредни студии. Третиот уписен рок е на 14 септември 2016 година.