Во рамките на проектот „Идентификација и следење на талентирани и надарени студенти“, Битолскиот универзитет ги избра четворицата таленти: Тамара Тасеска од Економскиот факултет во Прилеп, Софи Гајтановска од Факултетот за информатички и комуникациски технологии, Кристијан Велјановски од Факултетот за биотехнички науки и Дејан Петровски од Педагошкиот факултет
- Би сакал со мојата работа да им бидам од помош на граѓаните во ова општество и во нашата држава, да можам да ги разберам и да ги проценам нивните постапки затоа сум посветен на моето студирање. Оваа работа би сакал да ја работам во Македонија и во градот Битола бидејќи сакам да придонесам за напредок на оваа област и немам планови и интерес за странство, вели битолчанецот Дејан Петровски, избран за талент на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ - Битола.
Успешниот студент троши најмногу време на учење
Тој е студент во четврта година на студиската програма социјална и рехабилитациска педагогија со постигнат просек 9 од досега положените испити.
- Еден студент успешен го прават упорноста, мотивацијата и желбата. Но, многу значајно е кога студентот е фокусиран на тоа што го учи, посветен е, се труди, има голема љубопитност и троши најмногу време за неговото учење, тоа претставува супер основа и му нуди нови можности за да си го прошири своето знаење - вели Петровски.
Најредовен студент на „УКЛО неформалното учење“
Покрај редовните активности на факултетот, многу е посветен и на незадолжителното учење, па беше најредовниот студент во проектот „УКЛО неформално учење“, кој придонесе за подобрување на знаењето, компетенциите и вештините на студентите. Беше организирана Универзитетска летна школа, на која Петровски имаше можност да стекне и практично искуство од струката во Основното училиште „Ѓорги Сугарев“ во Битола, каде што работеше со деца со попреченост.
- Се трудев да присуствувам редовно на сите неформални предавања, кои беа многу од полза, многу помагаат и покажуваат дека знаењето може да се прошири и преку неформално учење, кое, пак, придонесува за личниот и професионален развој - вели Петровски.
Можност за работа во повеќе области
Во услови на интензивни промени во општеството и социјалното опкружување, често се случува поединецот да отстапува од општествено прифатливото однесување, со што се развива лично незадоволство, но и општествена реакција. Со цел превенирање на таквите состојби, студентите на студиската програма Социјална и рехабилитациска педагогија развиваат компетенции да дејствуваат за надминување на последиците од меѓусебното негативно влијание на општеството и поединецот во образованието, здравството, социјалната работа и безбедноста. Се оспособуваат за практична работа на превенција, откривање, проценување, рана интервенција и третман, процес и натамошeн последователен третман и грижа за деца, млади и возрасни со ризик од нарушување или со проблеми во однесувањето и нивната социјална средина, во функција на образованието, социјализацијата, рехабилитацијата и општествената интеграција. Оваа студиска програма е една од поновите на Педагошкиот факултет во Битола.
Ментор на Петровски е професорката Марија Ристевска, доктор по педагошки науки, која го насочува во неговите студиски активности.
Обуки за милтикултурализам и ненасилно решавање конфликти
Тој учествувал во повеќе проекти, меѓу кои и со Центарот за балканска соработка „Лоја“ од Тетово, кој преку своите активности промовира мултикултурната младинска работа. Учествувал на обуки за ненасилна трансформација на конфликти, унапредување на комуникациските вештини, побивање стереотипи, предрасуди и друго.
- Да се биде талент на УКЛО за мене претставува една голема чест. Тоа ме мотивира да продолжам со моето студирање на повисоко ниво. Тоа е потврда за редовното посветување на часовите и предавањата каде што може да стекнат многу знаења - вели студентот.
Бидејќи студира на факултет кој создава просветни кадри, го прашавме што мисли за денешното воспитание и образование. За претшколското образование рече дека треба повеќе да се фокусира на учење преку игри бидејќи тоа одговара повеќе на физичките, емоционалните и социјалните потреби на децата. А во основното училиште смета дека во ред е дигитализацијата на учебниците зашто се воспоставува контрола на содржините за дискриминација и учениците можат да стекнат знаења за еден предмет од повеќе извори.
Не е важно колку таленти има една држава, туку колку од нив ќе задржиме дома
Беше меѓу 17. студенти на УКЛО опфатени со тестирање со психодијагностички инструментариум за да се определи нивниот интелектуален статус како еден од чекорите за детектирање на талентираните студенти. На крај беа избрани само четворица најталентирани.
- Талентираните студенти се носители на прогресот во секоја држава. Ако ја гледаме големата слика со глобализацијата на светот, ќе констатираме дека сѐ уште продолжува војната за таленти. Кога го кажувам тоа, мислам на две тенденции: едната е да се задржат талентите во сопствената држава, а другата е да се привлечат талентите од друга држава. Не е важно колку таленти има една држава, многу е поважно колку ќе успее да ги задржи. И еден талент ако замине е трагедија - вели професорот по психолошки предмети на Педагошкиот факултет, Љупчо Кеверески, кој е дел од стручниот тим како врвен експерт во областа за да се следи напредокот на талентите со цел поуспешно да се поддржуваат и поттикнуваат во нивната извонредност.
Фото: приватна архива