X
 09.07.2024 Образование

Се унапредува воннаставната и волонтерска работа на студентите на УКЛО

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола е првиот државен универзитет во земјава што донесе Правилник за вреднување на воннаставните активности на студентите. Со Правилникот се утврдуваат содржината, начинот на кој се определува опфатот, условите и постапката за вреднување на ангажирањето на студентите надвор од она што значи вклученост во образовниот процес. Се предвидува учеството на студентите во работата на органите и телата на Универзитетот, вклученоста во научноистражувачка и стручна работа, спортски активности, ангажман во гласилата на УКЛО, како и други видови волонтерска работа, остварени во локалната заедница, да бидат наградувани со добивање соодветен број ЕКТС кредити кои ќе бидат внесени во додатокот на нивната диплома. 

За Правилникот со кој се вреднуваат ангажманите и успехот на студентите, зборува проректорката за студентски работи на УКЛО, проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска.

Една од новините на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ – Битола е донесувањето Правилник за вреднување на воннаставните активности на студентите на УКЛО, нешто што произлезе како реална потреба и барање на студентите кои се редовни учесници на сите настани што  ги организира
Универзитетот.

- Да. Не е нескромно да кажам дека Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ – Битола веќе една и пол година организира и реализира голем број активности за студентите од различна природа и тематика, од едукативни до спортско-рекреативни и културни, нешто што се гледа или се препознава, се цени. Но, за да имаме појасна слика и што повеќе заинтересирани студенти, на една средба со членовите на Универзитетското студентско собрание се разговараше да направивме интерен прашалник за студентите, да го добиеме нивното мислење. Одговорите беа охрабрувачки. Дури 60, па и повеќе проценти од нив го поздравија нашето ангажирање за организирање настани во кои би се вклучиле.

Меѓутоа, повеќе од 90 проценти од студентите побараа некаква форма на вреднување, потврда за нивниот ангажман, а јас тоа го препознав како одлична можност да ги мотивираме дополнително другите студенти.

Ова беше пресудно да започнеме со подготовка на Правилник за вреднување на воннаставните активности на студентите на УКЛО, кој е донесен во ноември 2023 година од страна на Сенатот на Универзитетот, со кој, ваквите ангажирања на студентите се оценуваат со соодветен број дополнителни ЕКТС кредити.
Од Правилникот произлегоа голем број уверенија и обрасци, кои самите студенти ќе треба да ги пополнуваат, а службите за студентски работи да ги приберат во досието на студентите. Потоа ќе треба соодветно да се анализираат, да се утврди бројот на дополнителни кредити што ги освоил студентот, да се внесат во додатокот на дипломата и таквата потврда да послужи како доказ за вклученоста на студентот во воннаставните активности, која пак пред работодавците ќе сведочи за развојот на студентот во текот на студирањето, за неговите дополнителни квалификации, нешто што работодавците ќе знаат да го ценат.

Што е она што ќе се вреднува како воннаставна активност според овој Правилник?

- Се вреднува апсолутно сѐ. Од ангажирање во органи и тела на Универзитетот и на единиците, вклучување во работата на студентските собранија, научноистражувачката и стручната работа на студентите, односно не само пишување трудови и нивна вклученост во разни проекти, туку и други видови апликативна дејност која се работи на единиците. Потоа, учество во подготовка на разни семинари, работилници, обуки, трибини, конференциите што ги организираме на ниво на единици и на ниво на Универзитет. Според Правилникот се вреднува и ангажираноста на студентите во работата на гласилата на УКЛО: Универзитетското радио УКЛО ФМ-Битола, Универзитетски глас и интерните социјални медиуми, потоа учеството во спортските активности, волонтерската работа. Тука да потсетам дека во изминатиот период го започнавме проектот ,,Волонтер денес, лидер утрe“, една исклучителна можност студентите да се вклучуваат во работата на сите владини, невладини и јавни приватни организации, каде што ќе ги унапредуваат своите способности и умеења за кои локалната заедница има реална потреба. Во иднина тоа за студентите ќе значи едно повисоко ниво за вклучување и во работниот процес и во нивните квалификации, што пак ќе биде препознаено од страна на тие институции. Значи, ќе се вреднува ангажирањето во сите активности што ги организира и Универзитетот и единиците, но и во сите настани организирани од опкружувањето, а стигнуваат како повик до нашите студенти во кои тие можат да се вклучат.

проректор

Веќе кажавте дека вреднувањето на воннаставните активности на студентите на УКЛО ќе биде со добивање дополнителни ЕКТС-кредити.

- Да. Во зависност од тоа во која активност се ангажирани, студентите можат да добијат од еден до три кредити. На пример, по три кредити добиваат претседателот на Универзитетското студентско собрание и Студентскиот правобранител. Толкав број кредити носи и учество во летна школа или летен универзитет, без разлика дали е организирана од УКЛО или од друг универзитет. Потоа, студент член на Универзитетскиот сенат, на Ректорската управа, член во постојните комисии на Универзитетот добиваат по 2, односно еден кредит. Членувањето во Факултетските студентски собранија исто така носи 1 кредит. Ангажирање во подготовката на Универзитетски глас, во работата како соработници во Универзитетското радио УКЛО ФМ – Битола по 2 кредита, ангажирање во работата и функционирањето на социјалните медиуми на Универзитетот, учество во спортско-рекреативните активности по 1 кредит. Ако студентот освоил едно од првите три места на државни или меѓународни спортски натпревари, добива два ЕКТС-кредити. Во Правилникот се точно прецизирани и другите активности за кои ќе бидат наградени.
Во секој случај, секој успех на студентите, секое нивно постигнување ќе биде забележано, вреднувано и соодветно внесено во додатокот на дипломата.
Сите што се заинтересирани треба да ја симнат соодветната потврда од веб-страницата на Универзитетот или да ја подигнат од Службата за студентски прашања на единицата на која студираат, да ја пополнат и да се стави во нивното досие“.

Правилникот е веќе достапен до студентите, можат да го разгледаат, да се информираат што треба да направат доколку се ангажираат. Можеме и практично да им појасниме како ќе тече постапката.

- Веќе имавме еден интерен состанок со претставници од службите за студентски прашања од сите единици на УКЛО, на кој беа присутни и претседателот и членови на Универзитетското студентско собрание и ја разработивме целата постапка околу вреднувањето на воннаставните активности на студентите. Правилникот и сите обрасци веќе се поставени на веб-страницата на Универзитетот, а оваа информација и преку УСС е пренесена до сите студенти.
Но, секако, да појаснам. Секој студент што е заинтересиран или веќе бил вклучен во некоја активност, а сака уште веднаш сега со дипломирањето да му бидат вреднувани активностите, треба да ги симне тие потврди, да ги пополни и да ги достави во Службата за студентски прашања на факултетот на кој студира. Службата отвора барање во кое ги евидентира доставените потврди од страна на студентот и врз основа на нив го собира бројот на освоени дополнителни ЕКТС-кредити. За одредени потврди кои не се предвидени со Правилникот, а се доказ за воннаставна или волонтерска работа на студентот, ќе одлучува посебна Комисија за вреднување на воннаставните активности на Универзитетот, која е формирана на ниво на УКЛО, составена од пет члена. Во неа сум јас, како проректор за студентски работи, проректорот за настава, продеканот за настава на соодветната единица, претседателот на УСС и претседателот на факултетското студентско собрание. Ако некој студент достави потврда за активност која не е предвидена со нашиот Правилник, тогаш ние, како комисија, ќе оцениме дали таа може да биде земена предвид и да биде дел од дополнителните кредити на студентот.

Кога на студентите ќе им биде понудено да одберат некоја од воннаставните активности? Само при запишувањето на зимскиот и летниот семестар или тоа можат да го направат и дополнително во текот на школската година?


- Имаше различни предлози, размислувавме и за тоа. Уште при уписот на студентите ќе им се дава една листа со можности, со планирани активности, па и самото барање за вреднување на воннаставните активности. Референтите за студентски прашања ќе бидат задолжени и тој документ да го доставуваат до студентите, за да ја видат понудата, да изберат. Тогаш ќе се гледа интересот. Секако дека нема да биде како можност и опција дадена само на почетокот на академската година при запишувањето на летниот или зимскиот семестар. Ќе може и додека трае семестарот да се заинтересираат за одредена активност, па да побараат, да пополнат и да достават до службите. Значи постојано во текот на академската година. Сите информации студентите можат да ги најдат на нашите социјални медиуми, на веб-страницата на Универзитетот, како и на фејсбук-страницата на Студентскиот информативен центар на УКЛО.

Дали вреднувањето ќе важи и за оваа академска 2023-2024 година?


- Да, со самото донесување на Правилникот, во завршните одредби имаме посочено дека важи и за оваа година, бидејќи голем број студенти од УКЛО покажаа голема активност и заслужуваат нивниот труд и нивната мотивираност и вклученост во настаните да бидат соодветно вреднувани и земени предвид.

Донесувањето на овој Правилник е голем мотивирачки елемент за активирање на студентите надвор од она што значи редовна настава.


- Апсолутно да. Имаме студенти кои се активираат во сите настани што ги организираме, други се индиферентни. Тоа е црта на карактер. За очекување е дека некој повеќе е заинтересиран, друг помалку. Но нашите студенти треба да увидат дека ваквите активности се можност да се запознаат, да се дружат, да се интегрираат, да споделат моменти кои се дел од високообразовниот процес, да создадат незаборавни спомени. Во секој случај, нека го разгледаат добро Правилникот, нека се решат каде и во која активност би можеле да бидат вклучени, почнувајќи од тоа што значи работа на Факултетските студентски собранија, Универзитетското студентско собрание, спортските активности, Универзитетското радио, Универзитетски глас, а да не го заборавиме и новото студентско списание УКЛО КОЛОРС. Ќе формираме и Студентски екоклуб. Нудиме многу можности за студентите, нивно е само да сфатат дека во овој период треба да го дадат својот максимум и за учење, но и за сите други активности што ќе им донесат искуство плус, што ќе им бидат од корист понатаму во животот.

Можеби студентите сега не ги гледаат предностите што ваквите ангажирања им ги носат, но еве да им предочиме дека работодавците при вработувањето не го гледаат само успехот од студирањето, туку сѐ почесто и повеќе сакаат да ги видат нивните воншколски активности.

- Точно. Имавме неколку средби и форуми со стопанските комори и конкретно ни беше укажано дека работодавците имаат потреба уште пред интервјуирањето да имаат увид со какви способности располага студентот, така што на овој начин одговараме и на барањата кои пред нас ги поставуваат и нашите партнери.
Дополнителните кредити во овој момент се само дел од додатокот на дипломата. Можеби сега студентите не можат да ја видат поволноста што им се овозможува. Меѓутоа, како ќе навлегуваат во процесот, така ќе им се откриваат и можностите. Дополнително би споменала дека имаме и Правилник за практикантска работа во кој во еден член е уредено дека студент кој се истакнува во студирањето и во овие воннаставни активности може да биде избран за тутор.
Сметам дека Правилникот за вреднување на воннаставните активности на студентите на УКЛО ја докажува посветеноста на нашиот Универзитет за зголемување на нивните компетенции. Во наредниот период започнуваме кампања за негова промоција, но и на она што УКЛО го прави, не само за своите студенти, туку и за заедницата воопшто.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование