Државните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје се првите два што сегашната Влада целосно ќе ги реновира и пушти во употреба на почетокот на новата академска година. Работите се одвиваат паралелно и ќе завршат во јули, но потоа ќе следува опремување на собите и сите други простории. За ова информираше министерката за образование и наука Весна Јаневска при денешната посета на студентскиот дом во Автокоманда, каде што направи кратка обиколка и увид во активностите.
-Условите ќе бидат модерни, по високи европски стандарди за сместување, но и за енергетска ефикасност. Сигурна сум дека студентите ќе уживаат во престојот. Нема да има бркање глодачи и инсекти, нема да има провев, лепени прозорци и неисправни тоалети и бојлери. За сето тоа да се одржува и да трае, го менуваме и моделот на финансирање. Се разбира, чувањето на објектите и одржувањето на опремата зависи и од самите студенти - рече Јаневска.
Додаде дека се обезбедени и средства за отпочнување реконструктивни активности во другите 7 државни студентски дома, за што им се заблагодари на Европската Унија, Германската развојна банка и Фондот за инвестиции на Западен Балкан. Рече дека станува збор за вкупен буџет од околу 50 милиони евра, од кои над 10 милиони се неповратни грантови.
-Продолжуваме да го подобруваме студентскиот стандард, условите за едукација, сместување и престој, како и да обезбедуваме финансиски олеснителни права и средства за поддршка, бидејќи младите се најважните граѓани на Македонија и без нив не можеме да очекуваме перспективна иднина. Целта е да ги задржиме тука и да бидат задоволни од грижата од државата - нагласи министерката.