X
 09.03.2021 Образование

Цела година им должат на студентите за месецот кога се затворија домовите поради пандемијата. Исплата ќе има од 1 април, тврдат надлежните

Студентите-станари во студентските домови кои во март минатата година уплатија пари за тековниот месец на сметката на Државниот студентски дом „Скопје“, а не добија сместување поради пандемијата на Ковид-19, ќе ги добијат парите на своите сметки од идниот месец. Виктор Велевски, новиот директор на Државниот студентски дом „Скопје“, за Факултети.мк вели дека е направен планот за исплата и најави дека студентите ќе почнат да ги добиваат парите од 1 април, годинава.

Студенти коментираат дека во изминатите месеци добивале ветувања дека парите ќе им бидат вратени во декември, па во јануари, но тие сè уште ги немаат парите иако помина точно една година откако беа затворени студентските домови.

На секој студент што извршил уплата треба да му бидат вратени по околу 3.500 денари. Како што е објавено на веб-страницата на Државниот студентски дом „Скопје“, при сместување во „Гоце Делчев“ се барало студентот да има уплатено 250 денари за документи, станарина во висина од 3.645 денари, како и трошоци за тековно одржување и амортизација од 300 денари.


Виктор Велевски / Фото: Приватна архива

Од Министерството за образование и наука појаснија дека не вршат наплата на средства по основа на користење на услугите на студентските домови, така што не можат да извршат ниту поврат на средства.

- Секој студент што однапред уплатил средства за месецот или месеците за кои Владата донесе одлука дека нема да се наплатува партиципација, потребно е да се обрати до службата на студентскиот дом каде што престојувал за да му ги вратат средствата - рекоа оттаму.
Подготвил: А.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование