Го пиете утринското кафе сурфајќи на вашиот мобилен телефон и ви стига потсетување дека баба денеска полни 72 години. Веднаш и пишувате една порака на Фејсбук за да и го честитате роденденот со порака дека и посакувате се најдобро и се надевате дека ќе доживее најмалку 100-ка. По само неколку минути токму славеничката враќа со еден лајк, а по неа коментара и мајка ви која постојано ве следи на Фејсбук.
Иако ова можеби изгледа како почеток на некој виц сепак во денешно време е реалност за безмалку една третина од населението во Македонија. Верувале или не, но бројот на корисници на интернет во земјава на возраст меѓу 55 и 74 години се зголемил неколкукратно во период од 10 години. Па така податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2005 година процентот на постаро население кое користело интернет било помалку од пет отсто за бројката низ годините постајно да расте. Во денешно време околу 30 отсто од повозрасните жители на земјава сурфаат на интернет односно токму третата група од 55 до 74 години.
- Татко ми кој има скоро 70 години од пред неколку месеци има профил на Фејсбук и најчесто го користи мобилниот телефон за да пристапи до оваа социјална мрежа. На почеток ништо не разбираше и беше тешко да му објаснам, но набргу ги совлада основите- вели млада скопјанка.
Таа додава дека поголем проблем е безбедното сурфање и опасноста од вируси или некакви измами.
- Дури и мене ми е тешко да се снајдам со сите нови финти и опасности кои постојат, а не пак татко ми, но го советував да не клика или да не отвора ништо што му изгледа сомнително - додава таа.
Вакви примери во денешно време има многу. Дел од помладите ги избегнуваат блиските роднини па едноставно не ги прифаќаат за пријатели на Фејсбук, но дел пак сметаат дека социјалните мрежи се одлична можност за постарите да најдат некој стар пријател или познаник.
Звучи неверојатно, но бројот на постари корисници на интернет денеска е поголем отколку бројот на интернет корисници во втората возрасна група односно таа од 25 до 54 години во 2006 и 2007 година.
Нема да биде воопшто чудно ако во наредните години оваа бројка значително се зголеми па ќе има далеку помалку возрасни разлики помеѓу интернет корисниците. Затоа не се чудете ако баба ви, ви стисне лајк на Фексбук.