Со години критичарите ги напаѓаа погрешните чекори на „Фејсбук“ во однос на приватноста - од скандалот со „Кембриџ аналитика“, па до неодамнешната вест дека „Фејсбук“ им плаќал на луѓе, вклучително и на малолетници, да му дозволат да ги шпионира нивните онлајн-активности, потенцијално вклучувајќи ги и шифрираните приватни пораки. Сето ова ја прави многу важна и веста дека во последните неколку недели компанијата тивко најмила тројца истакнати бранители на приватноста, сите видни критичари. Наводно тие биле најмени да помогнат компанијата да се врати на прав пат.
Во декември од „Фејсбук“ го најмиле Натан Вајт, кој претходно работел за групата за дигитални права „Аксес Нау“. Вајт бил ставен на позиција менаџер на политика за приватност. Оваа недела правниците Нејт Кардозо од фондацијата за дигитални права „Електроник Фронтиер фаундејшн“ и Робин Грин од „Опен технолоџи институт“ објавија дека и тие се префрлаат во „Фејсбук“. Кардозо ќе биде менаџер на политиките за приватност на „Вацап“, додека Грин ќе биде новиот менаџер на политика за приватност за спроведување на законот и заштита на податоците на „Фејсбук“.
Овие три лица се оценети како отмени луѓе во светот на приватноста на податоците и тие беа многу гласни критичари на „Фејсбук“. Со тоа што ги вработува, компанијата испраќа порака дека ќе им даде моќ за носење одлуки на луѓе што ги разбираат начините на кои социјалната мрежа и нејзината фамилија од апликации ја потценуваат приватноста на корисниците. Сепак, прашање е дали од „Фејсбук“ ќе ги слушаат.
Скептичен став би бил дека „Фејсбук“ ги вработил овие тројца критичари за да ги замолчи, но оние што ги знаат сите тројца велат дека тие отишле во компанијата со добра намера и дека би си заминале ако видат дека не се способни да направат позитивна
промена однатре.