X
 03.08.2019 Технологија

„Фејсбук“ сака да направи уред за читање мисли

Новите пронајдоци почнуваат да нѐ збунуваат и да нѐ загрижуваат. „Фејсбук“ објави дека е подготвен да вложи во технологија која ќе им овозможи на луѓето да пишуваат со помош на мислите.

Компанијата финансирала студија која ќе придонесе за пронаоѓање на уреди кои ќе имаат алгоритам подготвен да ја претвори мозочната активност во говор. Се работело со пациенти кои страдаат од епилепсија и на кои веќе им биле вградени електроди во мозокот за да се пристапи до изворите не нивните напади.

Од „Фејсбук“ се надеваат дека наскоро ќе имаат уред кој ќе може да биде мобилен и да обработи 100 зборови во минута. Внимание се посветува, пред сѐ, на луѓето кои имаат потешкотии во изговарањето на одредени зборови, а научниците сакаат да им овозможат да се изразуваат слободно и едноставно.

Досега имаше успех само кога стануваше збор за мал фонд на зборови, но овие луѓе имаат потреба од уред кој нивните мисли ќе ги пренесува во целост како говор. Тие се надеваат дека ќе достигнат брзина во декодирањето од 100 зборови во една минута, со помалку од 17 отсто грешки.

Сакаат на луѓето да им овозможат да куцаат зборови и да комуницираат без да гледаат во телефон или екран, туку тоа да го прават со помош на контакт со очите.

Во меѓувреме, компанијата на Илон Маск, „Неуралинк“, побара дозвола да почне со тестирање на сопствен уред за хакирање на човечкиот мозок. Некои велат дека ова е момент кога треба да се започне етичка дебата за тоа колку ова е во ред и во која мера може да му наштети на човештвото. За луѓето мозокот е безбедно место за мисли и идеи, а доколку се пристапи кон употреба на овие уреди, таа слобода би можела да биде уништена.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија