X
 08.09.2016 Живот

Државата во која трговијата со бубрези е легална

Иран е единствената земја во светот во која продажбата на бубрези е легална и регулирана со владини прописи. Секоја година, во просек 2700 Иранци продаваат еден свој бубрег на непознати примачи. Првата трансплантација на бубрег на Средниот исток е извршена во 1967 година во Иран. Но, сè до средината на 1980-те, ваквите операции сè уште не беа вообичаени.

Иран дозволува донирање на бубрег од кадавери (мртовци) и од донатори. Во април 2000 година, парламентот во Иран изгласа закон за легализација за обезбедување органи од лица кај кои е констатирана клиничка мозочна смрт, но и од соодветни донатори. Като Институтот наведува дека со ваквата легализација, Иран обезбеди елиминирање на листата за чекање за трансплантација уште во 1999 година.

Ваквиот модел беше инициран од волонтерски организации. Плаќањето на донаторите заеднички го обезбедуваат примачите и владината институција. Добротворната организација за поддршка на пациентите со бубрежни болести и добротворната фондација за специјални болести под контрола на Министерството за здравство, ја регулираат трговијата со органи со владина поддршка. Организациите ги спојуваат донаторите со примачите, обезбедувајќи бесплатен тест за утврдување на компатибилност. Дополнително, владата му овозможува едногодишно бесплатно здравствено осигурување на донаторот. Ваквата процедура ја регулира просечната цена за донација на бубрег помеѓу 2 и 4000 долари. За споредба, цената на бубрег на црниот пазар чини над 160.000 долари, во зависност од случајот.

Во поглед на ставот во врска со ова прашање, во 1996 година, исламските научници од муслиманскиот законодавен Совет на В.Британија, изрекоа фатва со која ја одобрија практиката на трансплантација, бидејќи е чин со кој се спасува живот, но не ја дозволуваат препродажбата, комерцијализацијата и каква било компензација на донаторите.

Согласно написот во клиничкото списание на американското друштво за нефрологија, со ваквиот модел се избегнуваат многу проблеми што се појавуваат при трговија со органи и значително се намалува времето на чекање за трансплантација.

На овој чин се спротивставува Светската здравствена организација, која смета дека трговијата со бубрези треба да биде забранета. 


Иран
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот