X
 17.03.2017 Живот

Тажната судбина на една од најубавите жени во светот - иранската принцеза Сораја

Многу години пред светот да ја запознае Лејди Ди, фотографите биле преокупирани со една принцеза од далечниот и мистериозен Иран. Жената, чие име не значи многу за помладите генерации, своевремено била апсолутна ѕвезда чиј чекор бил постојано следен. Принцезата Сораја, во период од 7 години била сопруга на иранскиот Шах, и денес ја носи титулата за најфотографираната личност на сите времиња. Нејзината кралска венчавка се смета за една од најгламурозните кои ги помни светот.

Сораја била оваа убава и тажна жена, која светот ја славел, а потоа и ја заборави.

Пред 66 години, во февруари 1951 година, светот со внимание гледал во Иран, земјата која не толку одамна, го носела името Перзија. Земјата имала и млад енергичен владетел кој ветувал реформи, модернизација на земјата и нејзино приближување до Запаот. На Иран му била потребна модерна, образована и убава кралица, а Шах Мохамед Реза Пахлави (1919-1980) барал жена која ќе му роди наследник и ќе ја продолжи неговата лоза. Тој ја пронашол во Лондон, каде таму учела 17 годишната Сораја Есфандиари Бакхтиари, девојка од моќно и угледно иранско семејство. Ќерката на богат бизнисмен, која во детството поминала помеѓу родниот Исфахан, Берлин и Сент Мориц, не била премногу среќна кога дознала дека за неа прашува владетелот на земјата од која потекнува нејзиниот татко.

„Кога ме замолија да се видам со него, уште на почеток ја одбив средбата со било кој од семејството Пахлави, бидејќи знаев што тие им направија на семејството Бакхтиара, меѓутоа имав слушнато дека принцезата Шамс е убава и атрактивна жена, па така мојата љубопитност беше посилна“, пишува во нејзините мемоари, принцезата Сораја.

Принцезата Шамс била сестра на Реза Пахлави, човекот кој неодамна се развел од убавата египетска принцеза која не можела да му даде потомство. Емисарите на Реза во Лондон и ширум светот се среќавале со девојки од угледни ирански семејства и ја барале најдобрата кандидатка за него.

„Откако ја сретнав, немав потреба да гледам друга девојка. Оваа жена е родена да биде кралица. Таа е убава, доста образована и има одлични манири“, му напишала Шамс на нејзиниот брат Реза.

Реза не губел време кога на фотографиите ја видел убавицата облечена според последната европска мода. Ја повикал во Техеран, а таа го запознала една вечер кога и не владеела баш најдобра атмосфера. Реза малку се фалел во неговата униформа од иранските воздушни сили, а младата Сораја не била сосема сигурна што сето тоа значи и што ја чека. Истата вечер ја пробудил нејзиниот татко.

„Ми телефонираше Реза. Ја бара твојата рака и прашува што ти мислиш за тоа“, ја прашал нејзиниот татко, во 2 часот по полноќ.

Таа рекла „да и така светот запознал една од најубавите жени во светот на сите времиња. Реза наредниот ден и официјално ја запросил. Светот веднаш се заљубил во оваа убавица со големи зелени очи. На Сораја ѝ се чинеше дека е најсреќната личност во светот. Но, среќата имала краток век.

На Реза му се брзало кога станувало збор за неговата врска со убавата Сораја, и бил подготвен за венчавка веднаш после нејзиното согласување за брак. Сепак, Сораја се разболела од бактериска инфекција и нетрпеливиот Реза морал да чека сè до февруари 1951 година. Дури ни во февруари, кога Реза поставил краен датум за венчавка, Сораја не била целосно здрава и силна, но немала избор.


Фото: Wikipedia

Нивната венчавка била најгламурозната кралска венчавка, и тогаш, а веројатно и сега. Над 3.000 гости имале можност да ја видат најскапата венчаница на сите времиња. Фустанот ѝ бил Кристијан Диор и бил долг 20 метри, бил од влакна од лама, со 6.000 дијаманти, 20.000 пердуви од ретки птици и тежел 30 килограми. Тоа било премногу за изнемоштената и болна принцеза, па војниците на Реза внимавале на неа и ѝ го придржувале фустанот, по негова наредба. За него оваа венчавка била многу важна, па затоа бил важен и секој детал. Кога станало јасно дека венчаницата е претешка, Реза ѝ наредил на кралската шивачка да го исече она што ѝ пречи.

Првите две години од бракот на принцезата Сораја и Реза може да се наречат вистинска бајка. Младиот брачен пар патувал ширум светот, а Сораја имала можност да запознае некои од најважните луѓе на тоа време, од светскиот лидер Никита Хрушчов, до водечките луѓе од филмската индустрија во Холивуд. Нејзиниот народ ја сакал, но прашање е колку таа го сакала него.

„Болници, сиропиталишта, хуманитарни акции, потоци нечиста вода од која луѓето пијат, скитници и кучиња. Сиромаштија и беда. Жени и изнемоштени старци умираат, нечистотија од куќите кои повеќе не се ваши куќи, владее сиромаштија“, го опишува таа животот на обичните Иранци во 50-те години.

Дека народот бил незадоволен со состојбата во земјата и владата, Сораја и Реза се увериле после посетата на Рим во 1953 година. Додека заедно вечерале, на радио слушнале дека во Иран бил извршен воен удар. Сораја тогаш дознала и дека нејзиниот сопруг и не е баш толку богат и дека на располагање имал „само“ 750.000 долари.

„Сега мораме да штедиме и жал ми е што морам да ти кажам дека немам многу пари за да купам некаде фарма... Можеби треба да одиме во Америка. Мајка ми и сестра ми се веќе таму и верувам дека и моите браќа ќе ни се придружат. Би живееле заедно и би заштедиле“, Реза бил искрен со неговата сопруга.

Сепак, со помош на ЦИА и Британците, државниот удар бил спречен и Реза се вратил во Иран. Сораја се вратила нешто подоцна. Тоа било крајот на брачната идила на иранскиот кралски пар. Докторите ѝ кажале на принцезата дека постојат мали шанси да остане бремена и дека можеби тоа ќе трае со години. Реза бил скршен, потомокот бил услов да остане на трон, а неговиот брат кој имал машки потомци едвај чекал да седне на престолот.

„Ќе мораме да донесеме одлуки, колку и да се болни“, ѝ рекол на неговата сопруга.

Размислувале и за алтернативи. Една од нив била и промена на иранскиот устав за владетелот на престолот да го задржи престолот и без машки наследник. Размислувале и за тоа Реза да се ожени и со друга жена, која ќе му роди син. Но, Сораја не можела да го прифати фактот дека би морала да го дели со друга жена. Не можеле да се договорат и било јасно дека на овој брак му се ближи крајот. Кон средината на февруари 1958 година, таа го напуштила Иран и никогаш не се вратила таму.

Што се случувало помеѓу Сораја и Реза во последните денови од нивниот брак, останува тајна. Познато е дека денови поминале затворени во нивните одаи, долго разговарале и веројатно плачеле.

Откако го напуштила Иран, Сораја најпрво отишла во Германија кај нејзиното семејство, а потоа во Сент Мориц, каде Реза имал куќа. Поранешниот сопруг ја барал секој ден, ја прашувал за нејзиното здравје, ѝ испраќал пари и подароци. Иако официјалната верзија на случувањата вели дека Сораја била „протерана“ од Иран, не може да се каже баш така. Реза на својата сопруга ѝ обезбедил дипломатски пасош, со кој можела да патува секаде низ светот, како и многу накит, недвижнини и пари, за да има удобен и безгрижен живот. Она што е важно е тоа што ѝ ја оставил титулата принцеза, и истите права како и неговите сестри. Така Сораја добила билет за високото општество, каде ќе остане до крајот на животот.

Иако имала многу пари, живеела луксузно, имала пристап до одбрани социјални кругови и била привилегирана во многу ситуации, Сораја после разводот паднала во депресија.  Била сама, исплашена и неискусна и морала да научи како да живее како обичен граѓанин. Медиумите ја следеле насекаде, била фотографирана во секоја прилика и била наречена „Принцезата со тажните очи“.

Парите и статусот кои ги имала не можеле да ѝ купат среќа. Патувала многу и живеела во Рим, Минхен, Келн, Монако и Париз. Уште од млада мечтаела да биде глумица. А овој сон започнала да го реализира после разводот од Реза. Еден податок од 1954 година вели дека откако со сопругот ја посетила Америка, била фасцинирана од Холивуд, но и светот на филмот останал фасциниран од нејзината убавина. После разводот таа започнала да зема часови по глума кај познатиот продуцент Дино де Лаурентис, и го снима првиот филм.

„Таа е филмско откритие на деценијата“, изјавил де Лаурентис кога во 1965 година се обидел да сними филм за руската кралица Катерина Велика.

Проектот неславно пропаднал, но Сораја се појавила во уште неколку филмови. Еден од нив, италијанскиот „Трите лица на жените“ бил целосна катастрофа - толку што Реза ги купил сите копии од филмот и наредил да се уништат. Единствено една копија била пронајдена во наследството на Сораја.

Соработката со Де Лаурентис не ѝ донела слава, но ѝ донела нов маж. Откако се запознала со италијанскиот режисер Франко Индовин, за кој се верува дека бил втората љубов во нејзиниот живот, тие биле во врска пет прекрасни години. Но, во 1972 година Франко починал во авионска несреќа. Со скршено срце, Сораја се сели во Париз.

Умира на 26 октомври 2001 година.

Нејзиното богатство ѝ припаднало на извесен Хасан Ф, личен секретар и возач на нејзиниот брат, иако роднините не можат да се помират со оваа пресуда.

Во 1979 година, Сораја му пишува на Мухамед Реза, кој бил болен од рак. Таа му вели дека и понатаму го сака и сака да го види барем за последен пат. Радосен поради писмото, тој ѝ пишува дека и тој ја сака неа и сака да ја види, но без присуство на неговата трета сопруга. Една година подоцна, договорена е средбата, меѓутоа тој умира пред Сораја да се спреми за пат.

Извор: Азрамаг
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот