Влегувате во
продавница само да набавите неколку ситни работи. Сте пресметале дека тоа ќе ви одземе максимум десетина минути. И потоа заглавувате во редицата пред благајната. Веднаш се запрашувате како е можно секогаш вам да ви се случува да го изберете најбавниот ред.
Експертите од угледниот “Њујорк Тајмс” имаат неколку совети како следниот пат да го изберете најбрзиот ред.
Застанете зад купувачот со најполна кошница
Иако можеби овој избор делува како најнелогичен, податоците го тврдат спротивното.
На секој купувач му се потребни околу 40-тина секунди за да се поздрави, да плати, да ги собере работите што ги набавил и да замине. Тоа значи дека ако застанете во ред со повеќе купувачи со попразни корпи, подолго ќе се задржите во редот.
Ричард Ларсон од Технолошкиот институт во Масачусетс вели дека луѓето трошат околу 37 милијарди часови годишно на чекање во редови.
Престројте се на левата благајна
Роберт Самуел, сопственик на сервис од Њујорк кој нуди услуги за чекање во ред на ваше место, вели дека повеќето луѓе се десничари и инстинктивно одбираат да се постројат на десна благајна, што резултира во подолги редици на истите.
Изберете ред каде што работат женски благајнички
“Можеби звучи сексистички, но жените се многу побрзи и поефикасни во оваа дејност, барем според моето искуство и истражување”, истакнува Самуел.
Сепак, асистентот по психологија од Колеџот во Лидсбург, А. Ј. Марсден, советува да “фрлите” око за да заклучите дали благајничката е разговорлива и дали го коментира секој производ.
Проучете ги луѓето во редот што купуваат
Професорот Марсден вели дека освен бројноста, битна е и возраста на купувачите во редот пред вас. На повозрасните ќе им треба повеќе време да извадат пари од паричникот и да ги спакуваат своите производи во кеси.
Избегнете ја благајната каде благајникот нема преглед колку луѓе чекаат во редот
Ако се најдете во ред кој води кон благајна каде прегледот на наплатувачот е ограничен со визуелни препреки, тогаш бидете подготвени на подолго чекање.
Како вие можете да ја забрзате услугата?
Свртете ги баркодовите на видливо место кон благајникот.
Кога купувате облека, тргнете ги закачалките и извлечете ги етикетите за полесно скенирање.
И на крај, запомнете - чекањето е ментална игра
На крај, сè е во вашата глава. Истражувањето покажа дека во просек луѓето го преувеличуваат времето на чекање и тоа за 36 проценти.
Купувачите се повеќе загрижени за тоа колку е долг редот отколку брзината со која тој се движи. Ако им понудите избор меѓу пократок ред кој се движи поспоро и подолг и побрз ред, најчесто изборот паѓа на пократиот, иако времето на чекање е идентично.
Конечно, исфрлете ја од главата мислата дека сте проколнети. Сетете се колку пати сте поминале низ благајните без проблем, за да констатирате дека сепак таквите случаи се во поголем број. Времето не поминува побргу ако сте нервозни заради чекањето.