X
 15.04.2021 Живот

Кубанците изнајмуваат луѓе да чекаат во ред: За пакување пилешко се чека 7-8 часа

Редици пред продавниците - ова е случај во Куба веќе подолго време, а за време на пандемијата е уште полошо.

Многумина заработуваат за живот чекајќи ред со часови за некој друг. Или купуваат намирници и ги препродаваат на црниот пазар.

Во Куба пазарењето не е задоволство.

- Сè е тешко. За да се купи пакет пилешко, понекогаш треба седум или осум часа да стоиш во ред - вели 59-годишен маж од Хавана. Тој вели дека ситуацијата е малку подобрена, но сепак се случува и по 300 луѓе да чекаат пред продавницата.

Пред кризата бил занаетчија, но во последно време го храни семејството како знае и умее. Често му е потребен цел ден да набави малку ориз или месо.

Пандемијата дополнително ја влоши економската криза во Куба. Приходите од туризмот пресушија, а сè поострите американски санкции им отежнуваат на Кубанците од дијаспората да им испраќаат пари на роднини во нивната татковина. Владата на Хавана реагираше на тоа на почетокот од годината со монетарна реформа, проследена со реформска политика за цената и платата. По 25 години, конвертибилниот пезос беше укинат, а единствената валидна валута остана кубанскиот пезос.

Но, и пезосот одамна е заменет со друга посилна валута: американскиот долар. Со цел да добие девизи, кубанската влада отвори државни продавници на крајот на 2019 година, во кои апарати за домаќинство и делови за автомобили, а подоцна и храна и средства за хигиена, се купуваа со странски валути.

Истовремено, понудата во продавниците што прифаќаат само пезоси е значително намалена. Онаму каде што има стока, се создаваат долги редови.

- Денес тука за пилешко, утре таму за масло за јадење. Редиците никогаш не исчезнуваат - се жали 59-годишниот човек.

Чекајќи ред за друг

Многумина, особено постарите лица, не можат или не сакаат да чекаат ред. Исто така, тука е загриженоста за можна зараза со Ковид-19. Ова доведе до појава на нов деловен модел: професионални чекачи, таканаречени колероси, кои се откажуваат од своето место во редот за пари или ја препродаваат купената стока на црниот пазар.

Еден од нив порано работел во оптичка лабораторија. Таму заработувал околу 12 американски долари месечно. Покрај тоа, продавал стакло за очила и така остварувал дополнителен приход.

- Од крајот на 2019 година повеќе нема материјал, нема стакло, па нѐ испратија дома. Земавме плата уште два месеца, а потоа ништо - вели тој. За заработка со чекање дознал од другар кој го убедил дека на тој начин може да заработи пари.

куба
Фото: Freepik

Од почетокот на пандемијата повеќето продавници дозволуваат влез на 2-4 муштерии истовремено од хигиенски причини. Ова дополнително ги прошири редовите кои и онака постоеја. Проблемот се зголеми со скратеното работно време и забраната за излегување навечер во Хавана.

- Ние сме надвор од 5 часот наутро. Оттогаш луѓето почнуваат да го обележуваат своето место во редот - објаснува Кубанецот.

- Наместо наназад, во Куба редиците се протегаат нанапред. Имено, кога дуќанот ќе се отвори во 9 часот, се појавуваат оние што претходно го обележале своето место. Така може да се случи да не стојат десет луѓе пред вас, туку одеднаш седумдесет луѓе.

Поединци го означуваат и продаваат своето место во редот за околу педесет пезоси. Попрофитабилно е да купувате стоки и да ги препродавате на црниот пазар. Обично се бара двојна цена за стоката што се препродава. Тој проценува дека четири од пет лица што влегуваат во продавницата се занимаваат со препродажба.

Затоа, владата воведе норми на многу производи. На пример, едно лице може да купи само едно пакување пилешко. Затоа луѓето со себе земаат уште две-три лица. Понекогаш пред продавницата им нуди пари на луѓето да одат со него и да му купат стока.

Доста им е од чекање

Личните документи на сите муштерии се скенираат на влезот во продавницата. Ова треба да спречи некој да биде во ред повеќе од еднаш. Во спротивно се соочуваат со високи казни. Некои Кубанци одат во продавница два или три пати неделно, за да не привлечат внимание.

Овие луѓе може да заработат до илјада пезоси (околу 40 американски долари) месечно - тоа е доволно за живот.

Голем дел од Кубанците се надеваат дека наскоро ќе можат да ѝ се вратат на својата вистинска професија. Стоењето во ред на некои луѓе им помогна да преживеат, но полека им здосадува.

Извор: Deutsche Welle
Фото:  Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот