Советските чаши од дебело стакло што ги користеа од домаќинки до алкохоличари, месецов "прославија" 73 години. Потсетување на нив.
Пет податоци за советските чаши кои и денес се користат:
- Дизајнот се препишува на позната вајарка
Првите советски чаши од дебело стакло се произведени на 11-ти септември 1943-та во фабрика за стакло во градот Гус-Хрустални. Се смета дека ги дизајнирала Вера Мухина, позната руска вајарка, но не постојат официјални документи што би го потврдиле тоа. За волја на вистината, дизајнот не бил плод на дизајнерска замисла, туку таков облик одговарал на новата советска машина за миење садови, произведена во 40-те.
- Посебна технологија за цврстина
Советските чаши можеле да имаат различен број рабови по должината (10, 12, 16...), но но на врвот сите имале ист детал - гладок стаклен раб, заради што и биле исклучително цврсти. Освен тоа, стаклото е изработувано по специјална технологија, а извесно време во него се додавало и олово. Во 80-те пак многу од чашите почнале да се кршат, да им се одвојува дното, а причина за тоа било што при производството почнала да се користи странска опрема, при што не се запазила постапката на производство.
- Чашата од дебело стакло била најдобар пријател на советските алкохоличари
Во времето на Никита Хручов, во склоп на борбата против алкохолизмот, забраниле продажба на вотка на точење и во мали шишиња, а во проджба останала само амбалажата од 500 мл. Тогаш настанала традицијата меѓу луѓето да пијат "во тројка", од дебелите чаши (тројца носат по една рубља и купуваат шише вотка, а тогаш вотката чинела 2 рубљи и 87 копејки). Овие чаши во Русија се уште асоцираат на вотка.
- Чашите ги имало насекаде низ СССР
Во училишта, во болници, во мензи, во автомати за вода. Советските домаќинки масовно ги користеле - со нив мереле течности, брашно, шеќер... Дури и во советските книги за готвење количината не била изразувана во грамови, туку во чаши.
- Советските чаши од дебело стакло и денес се користат
Во постсоветска Русија чашите не се популарни како некогаш, заради големата понуда на чаши на пазарот. Ваква чаша сега не може да се купи во продавница, ја нема во училиштата, ниту во болниците. Според истражување од 2013-та, советските садови се уште се користат во возови. Понекогаш се организираат акции во знак на сеќавање на овие чаши, како што е кулата од 2,5 метри направена од 2.024 вакви чаши. „Тоа е нашата археологија. Поточно, тоа е нашата матрица“, напишал за чашата современиот руски автор Виктор Јерофеев.
Руска реч