На границата меѓу Египет и Либија се наоѓа голема пустина која се простира на големина од 650 километри од север до југ и 300 километри од исток до запад, што е приближно како и површината на цела Ирска.
Меѓу сиот тој песок се наоѓаат површини каде „извира“ природно стакло. Ова е таканареченото либиско пустинско стакло. Тоа е најчистото природно стакло од кварц кое е пронајдено на Земјата.
Ова стакло најчесто е жолтеникаво, но може да биде кристално чисто. Најголемото парче стакло кое било пронајдено тежело 26 килограми.
Природното стакло се создава од грмотевици, вулканска активност или метеорити кои паднале на Земјата.
Либиското пустинско стакло било создадено пред приближно 26 милиони години, поради што научниците претпоставуваат дека е од удар на метероит. Некои сметаат дека тоа е последица од експлозија на комета во близина на површината, која го загреала песокот до екстремни температури.
Стаклото било откриено од Патрик Клејтон во 1932 година, но за неговото постоење се знаело од древни времиња. Луѓето за време на неолитот правеле алат од него, а Египќаните подоцна го користеле за накит.
Големо парче од стаклото било пронајдено и на украсот кој се наоѓал на телото на познатиот египетски фараон Тутанкамон.