X
 12.04.2021 Забава

Застрашувачки стаклен мост со неверојатен дизајн во Кина

Кина, земјата позната како „фабриката на светот“, се смета дека е најголемиот светски производител на бетон, челик, ѓубриво, облека и играчки. А списокот не би бил целосен ако не се додадат транспарентните патеки и вртоглави мостови.

Кинезите ги имаат најоткачените мостови по кои одат само најхрабрите. Така, токму во Кина, во Лианжу, се наоѓа и најдолгиот мост со стаклен под во светот, уште еден висечки мост со стаклено дно долг 487 метри, како и мостот Хонгјагу.


Кинеската опсесија за вакви мостови достигна нови размери со мостот Руји, кој ги носи мостовите на едно сосема ново ниво: имено, мостот е стаклен, со две палуби и неверојатен дизајн што е премногу застрашувачки за некои луѓе. Мостот се наоѓа на 140 метри над земјата и е долг 100 метри, при што на многу луѓе им е тешко да поверуваат дека оваа креација е вистинска.

Откако на „Твитер“ се појавија снимки од мостот, еден твитер-корисник напишал: - Ако ова е реално, ќе имаше локација, па така сметам дека е лага.

Набрзо се појавија уште неколку видеа кои ја покажаа автентичноста на мостот, па многумина го нарекуваат архитектонско уметничко дело. Мостот е дизајниран од Хе Јунчанг, експерт за челични конструкции, а неговиот изглед потсетува на „џаде руји“ - свечен белег што е симбол на добра среќа во Кина.



Извор: Luxurylaunches.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава