Јасна Тренгоска е студент на постдипломски студии по Информатички науки и технологии на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ Охрид, каде дипломира на факултетот за Компјутерски науки и инжинерство. Моментално работи како Менаџер за односи со клиенти во македонско-данско-американска стартап компанија „Cylindo“, која се занимава со развој на продукти за електронска трговија. Паралелно со студирањето Јасна зема активно учество во различни проекти и иницијативи во рамките и вон Универзитетот, развивајќи ги сопствените потенцијали и претприемачкиот дух. Како резулат на ваквиот пристап Јасна веќе може да се пофали со завидни професионални достигнувања како организирање на технолошкиот фестивал „Codefest“ и стартап кампот „StartQube“ и раководење со организацијата „Girls in Tech Macedonia“ која се залага за подобрување на половиот баланс помеѓу вработените во информатичката индустрија, покажувајќи дека стекнатото информатичко образование во комбинација со личната посветеност нуди можност за професионален успех и пристојна заработка.
Со Јасна разговараме околу изгледите за работа и заработувачка за младите информатичари во Република Македонија.
Какви се изгледите за вработување и пристојна заработка за младите луѓе во информатичката индустрија во Република Македонија?
Од моето гледиште, мислам дека младите во Македонија кои се одлучуваат да градат кариера во информатичките области имаат одлична перспектива и можност да работат за било која компанија во светот, а се почесто тоа можат да го прават од комфорот на нивниот дом. Професиите во областа на информатичките технологии ја имаат таа огромна предност што нивното работно место не секогаш зависи од физичка локација, со што на некој начин го имаат светот на дланка кога се работи за можности за градење кариера. Мислам дека се повеќе странски компании го препознаваат тоа и ги ценат квалитетите на нашите кадри, па така и соодветно го наградуваат нивниот труд. Предноста во тоа да се работи со странска компанија или странски клиенти е што цената на нашите услуги е пониска од онаа на запад, но истовремено е повисока од онаа која некои домашни компании се подготвени да ја платат.
Дали и колку знаењата стекнати за време на студирањето помогнаа во твојот професионален развој?
Мислам дека е заблуда да се каже дека било кој факултет продуцира кадри кои се автоматски спремни за вработување по дипломирањето, без дополнителна надградба и усовршување. Во тој дел, голема одговорност е и на самиот студент како индивидуа, да ги насочи своите интереси кон одредена област уште во текот на студирањето, и да се потруди да се усоврши во таа област на најразлични начини. Кога јас бев студент, секое слободно време со колегите го користевме за да аплицираме на меѓународни технолошки натпревари и повици, или пак да работиме на мали „freelance“ проекти, а главната цел беше да го усовршиме она што како насока го добиваме од редовните студии. Мислам дека тоа практично искуство и неколкуте успешно завршени проекти во текот на студиите не` направија далеку поконкурентни на пазарот на трудот. Голема улога во сето ова, има секако и околината и „климата“ во која се студира. Во тој поглед, за нас беше доста значајно што на Универзитетот „Свети Апостол Павле“ студиравме на англиски јазик и се развивавме во мултикултурна средина каде имавме можност да комуницираме и соработуваме со студенти и професори од повеќе од 40тина земји од светот. За сите наши иницијативи, добивавме голема поддршка од колегите и од професорите, кои максимално ни беа на располагање за секакви совети. Да не изоставам, Охрид е прекрасен град за да се биде студент и овозможува максимален фокус и посветеност кон студиите, а секако и можности за дружење и забава.
Кои се најбараните вештини на информатичкиот пазар на труд, во кој правец би требало идните информатичари да го насочат своето образование?
Мислам дека ова е повеќе прашање на индивидуален интерес и компетенција. Информатичките технологии од ден на ден го менуваат светот во сите можни области, така да, мислам дека клучниот момент е да се открие во што е некој навистина добар и во која област би сакал со максимална љубов и посветеност да се усовршува. Многу работи поаѓаат од личната мотивација, и мислам дека тоа е она што во голема мера ги одвојува просечните од напредните информатичари. Доколку го сакате тоа што го учите и работите во некоја област, со поголема леснотија и со поголем интерес ќе развивате напредни вештини, а со тоа и можности за подобра кариера.